3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЛабораториите од научните институции ќе ги презентираат услугите пред компании

Лабораториите од научните институции ќе ги презентираат услугите пред компании

laboratorija

Услугите на 24 лаборатории инсталирани на јавните високообразовни и научни институции до крајот на месецов ќе  бидат презентирани пред бизнис-секторот  за тој да се запознае со  апликациите и истражувањата што тие ги прават во различни области.

Тие се меѓу 80-ина лаборатории кои досега ги набави Владата на РМ и во кои вложи 1,6 милијади денари. Министерството за образование и наука ги покани компаниите да присуствуваат на јавните презентации, чиј распоред ќе го објави утре на својата веб-страница и во дневниот печат. Првата презентација ќе биде на 4 октомври на Машинскиот факултет-Скопје, а последната на 28-ми на Техничкиот факултет во Битола.

Министерот за образование и наука Спиро Ристовски на прес-конференција рече дека на компаниите ќе им се овозможат услуги кои порано им биле тешко достапни и можни во далечни земји и за многу повисоки цени. Целта на презентациите е и дополнително поттикнување на соработката меѓу науката и стопанството.

– Ќе бидат презентирани услугите на вкупно 24 лаботаории кои можат да вршат истражувачки и апликативни дејности во повеќе области кои ги засегаат компаниите, како градежништво, текстилна индустрија, информатика и комуникациски технологии, телекомуникации, дигитална аудиовизуелна продукција  и постпродукција, сообраќај и транспорт, животна и работна средина, земјоделство и безбедност на храна. Во овие 24 лаборатории се инвестирани речиси 500 милиони денари и по своите специфичности тие се меѓу ретките во регионот,  рече Ристовски.

Претставниците на стопанските комори го поздравија потегот на МОН за приближување на лабораториите до стопанството, нагласувајќи дека проверката на квалитетот на македонските производи ќе ги направи нив конкурентни на светските пазари и ќе го зголеми извозот што, пак, ќе резултира и со поголеми приходи и ќе го зајакне индустрискиот потенцијал на земјава. Очекуваат и засилување на соработката на приватниот сектор и јавните научно-истражувачки установи како клучен фактор за економски напредок.

Митко Алексов од Сојузот на стопанските комори рече дека се во голем број и значајни претпријатијата што ќе ја користат лабораториската опрема.

– Компаниите ќе имаат можност да ја зголемат иновативноста, конкурентноста, а со тоа и шансите за позиционирање на своето производство на странските пазари. Незначителен број од нашите производствени капацитети можат да си дозволат да поседуваат развојни и истражувачки лаборатории, па на овој начин значително се придонесува кон нивните потреби за подобрување на квалитетот и создавање нови и конкурентни производи. Тие ќе значат и намалување на трошоците, заштеда на време и избегнување на логистиката што е потребна испитувањата да се направат во странство, рече Алексов.

И претседателот  на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески ги посочи бенефитите од лабораториите и очекувањата од нив.

– Македонија е мала земја без голем пазар и подобрувањеето на квалитетот  е начин да ја добиеме битката за нашиот опстанок на светските пазари. Од лабораториите очекуваме да работат на сопствено надградување на кадарот, да ги следат светските трендови и во партенрски однос со компаниите да ги пренесат нивните искуства, рече Азески.

Џемал Даути од Стопанската комора на северозападна Македонија исто така подвлече дека лабораториите ќе создадат добра врска меѓу стопанството и научните институции што ќе ја подобри конкурентноста на постојните производи, но ќе биде и добра основа компаниите да создадат нови производи.

– Очекуваме лабораториите максимално да се приближат до компаниите и бараме од Владата тие да се акредитираат и во нашиот Институт за акредитација и во други земји, за сертификатите од нашите лаборатории да се признаваат и на странски пазари каде што се продаваат наши производи, рече Даути.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП