Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска учествуваше на годишното генерално собрание на најстарата меѓународна финансиска институција ̶ Банката за меѓународни порамнувања (БИС), коешто се одржа во Швајцаријa. Нашата централна банка е полноправна членка со уште шеесет и две централни банки и монетарни власти од светот, кои учествуваат и имаат право на глас на генералното собрание, што говори за улогата на Народната банка како активен учесник во дебатите и анализите и носењето на дел од одлуките коишто се клучни за монетарната политика и монетарните движења и во светски рамки.
На 92. годишно генерално собрание на БИС беа разгледани и усвоени најновиот Годишен извештај за работата на БИС и Годишниот економски извештај на БИС за 2023 година. Усвоениот Економски извештај се осврнува на три области: антиинфлациските политики, заедничкото дејствување на монетарната и на фискалната политика со цел одржување на стабилноста и довербата, како и идните движења во монетарниот систем. Во Извештајот се нагласува потребата од холистички пристап при конципирањето на монетарните, фискалните, макропрудентните и структурните политики, земајќи ја предвид сложеноста на тековните предизвици. Како приоритет на кус рок се нагласува потребата од стабилизирање на инфлацијата и нејзино враќање кон претходните ниски стапки, фискалната консолидација и јакнење на отпорноста на финансискиот систем. На долг рок, потребни се политики коишто ќе обезбедат стабилна макроекономска и финансиска околина за одржлив и забрзан економски раст. Како значаен аспект и структурна реформа за јакнење на економскиот потенцијал се истакнуваат иновациите во дигиталната сфера во монетарниот и на финансискиот систем, имајќи превид дека иновациите во монетарната сфера секогаш биле двигателот на економската активност и раст.

