По глобалната финансиска криза, процесот на доходовна конвергенција во регионот на Западен Балкан забавува. Кај нас од 2009 година наваму, нивото на конвергенција е повисоко за 8 п.п., темпо коешто пред глобалната финансиска криза е постигнато за само седум години. Ова упатува на речиси двојно побавна конвергенција, иако е малку побрза од просечната во регионот. Кризите со кои се соочуваме во изминативе неколку години претставуваат дополнителен предизвик за конвергенцијата. Симулациите покажуваат дека растот во периодот 2020 ‒ 2024 година ќе биде помал за околу 10 процентни поени во споредба со претпандемичните очекувања. Симулациите за конвергенцијата покажуваат дека во отсуство на кризите, таа би била повисока за 5 п.п. Покрај ова, кризите поттикнаа нови среднорочни и долгорочни ризици, како што е ризикот од економска фрагментација, климатските промени и предизвиците поврзани со дигитализацијата. Сето ова уште повеќе ја нагласува потребата од структурни реформи со кои ќе се опфатат старите предизвици, но и новите коишто произлегоа од неодамнешните кризи.
Ова се заклучоците од научниот труд „Повеќекратните кризи и реалната конвергенција – закана или можност? Случајот на Република Северна Македонија“, подготвен од гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, вицегувернерката Ана Митреска и директорката на Секторот за монетарна политика, истражување и статистика, Султанија Бојчева-Терзијан. Гувернерката Ангеловска-Бежоска го презентира трудот во рамките на Меѓународната научна конференција на тема „Забрзување на процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ: Клучни предизвици и приоритети“, во организација на Македонската академија на науките и уметностите во соработка со Министерството за финансии и Секретаријатот за европски прашања на Владата на Република Северна Македонија.

