1 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНикој не сака да биде овчар ни за плата од 500 евра...

Никој не сака да биде овчар ни за плата од 500 евра – сточарите нудат „брда и планини“, а граѓаните си тераат мајтап

„Барам двајца овчари кои во смени ќе пасат стадо овци во околината на Скопје. Работата вклучува и молзење на овците. Нудиме плата од 500 евра, бесплатно сместување и три оброци на ден“.

Овој оглас со месеци се врти на социјалните мрежи и на официјалните огласници, но наместо да се најдат заинтересирани работници, граѓаните обично си играат мајтап со коментарите, на шега тагнувајќи ги своите блиски Фејсбук пријатели, информирајќи ги дека им нашле „работа од соништата“.

Екипата на Денар го контактираше огласувачот, кој ни одговори дека досега никој сериозен работник не им се јавил за да се распраша околу работата.

-Бараме двајца овчари за да им биде полесно, а инаку ни е потребен само еден. Имаме голема фарма со овци и потребни ни се луѓе за работа. Но, никој не се пријавува. Огласот веќе неколку недели врти на социјалните мрежи, ама граѓаните обично си играат мајтап и не сфаќаат дека всушност станува збор за добра работа со добра заработувачка. Па што ако некој работи како овчар? Срамота е тоа? Не е срамота. Срамота е да се лаже и да се краде, а срамота е и да се чека сѐ на готово. Овците се убави животинки, работата е лесна, а платичката не е за потценување. Како што е наведено и на самиот оглас, платата изнесува 500 евра, а добивате и бесплатно сместување и три оброци на ден – објаснува огласувачот.

Тој вели дека во моментов работи сам со помош на сопругата.

-Навистина не се постигнува. Треба овците да се изнесат на пасење, па треба да се молзат, па треба да се собере шталското ѓубре, па да се потстреди шталата, па да се обезбеди храна за в зима… Работата е захтевна, ама не е тешка. Само е потребна добра организираност и дисциплина. Со работа почнуваме наутро во 5 часот, а завршуваме тогаш кога ќе сфатиме дека повеќе немаме сила. Секако, ова нема да важи за овчарите коишто ќе бидат вработени кај нас. Тие ќе си имаат стандардно работно време – раскажува нашиот соговорник.

Но, тој е само еден од многуте земјоделци и сточари кои преку оглас бараат вработени.
Пролетва се бараа работници за садење домати, пиперки, а и производителите на тутун редовно имаат проблем со работниците.

Б.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП