18 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТолку ли е тешко да се „припитомат“ дивите продавачи на овошје и...

Толку ли е тешко да се „припитомат“ дивите продавачи на овошје и зеленчук?

Иако едно време ги снема, дивите продавачи на овошје и зеленчук сега повторно се вратија на своите стари „работни места“ покрај пазарите, обично узурпирајќи дел од паркинг просторот со своите камиони.

Градските власти неодамна спроведоа акции за ослободување на јавните површини од ваквите диви продавачи кои ги зафаќаат тротоарите, велосипедските патеки и паркинг местата околу пазарите, но очигледно, акциите не вродија со плод во корист на граѓаните.

Скопјани се жалат дека им е отежнато движењето поради камионите и вреќите со производи кои се истоварени на улиците, на тротоарите или директно на велосипедските патеки.

-Погледнете само што се случува во Ѓорче Петров веднаш спроти пазарот. Таму има голем земјен паркинг, но дивите продавачи ги паркираат камионите веднаш до тротоарите, а на тротоарите ги редат вреќите со производи, вагите за мерење, ставаат столчиња за седење… И таму не е возможно да се помине непречено пеш или со велосипед. А уште поголем проблем е тоа што самите купувачи ги оставаат своите автомобили на првата лента покрај тротоарот, вклучуваат четири трепкачи и си пазарат од дивите продавачи. Таму постојано се прави гужва, автобусите не можат слободно да се движат по својата лента, но никој не презема ништо. На само 200 метри отспротива се наоѓа полициската станица, но очигледно ниту еден полицаец не го забележал проблемот – раскажува Милан Бошковски, средовечен жител на скопската населба Даме Груев.

Но, освен пешаците и велосипедистите, многу поголем проблем си имаат легалните пазарџии кои редовно плаќаат закуп за тезгата на пазарот, плаќаат паушал, даноци…

-Не е воопшто фер, но не сме моќни да се спротивставиме. Не може некој да плаќа кирија за тезга на пазар или за продавница, а друг да остварува чист профит продавајќи каде што ќе посака. И што треба сега да сториме ние пазарџиите? Сите да си купиме камиони и да ги паркираме каде што ќе ни текне? Се знае, пазарите се места каде што луѓето купуваат овошје и зеленчук – вели Елена, сопственичка на тезга на пазарот во Ѓорче Петров.

Инспекторатот на Град Скопје во соработка со инспекциските служби на Државниот пазарен инспекторат и со асистенција од Министерството за внатрешни работи (МВР) пред некое време спроведоа акција за ослободување на јавниот простор што беше узурпиран од дивите продавачи.
За многу кратко време дивите продавачи беа расчистени, а јавниот простор ослободен за непречено движење на пешаците и на велосипедистите.

-Град Скопје нема да го толерира узурпирањето на јавниот простор од групи и поединци, особено ако станува збор за простор наменет за слободно движење на граѓаните. Ќе продолжиме да дејствуваме во насока на спречување на оваа појава во согласност со своите законски надлежности и ингеренции – информираа тогаш градските власти.

Б.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП