5 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСтолтенберг: НАТО ќе ги зајакне политичките врски со Украина, но засега „не...

Столтенберг: НАТО ќе ги зајакне политичките врски со Украина, но засега „не се зборува“ за покана за членство

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска изјави дека воената алијанса ќе ги зајакне политичките врски со Украина на самитот следниот месец, но дека засега „не станува збор“ за покана до Киев за членство, пренесе АФП.

Нема да разговараме за поканата за самитот во Вилнус на 1 и 2 јули, туку за тоа како можеме да ја приближиме Украина до НАТО, рече Столтенберг и додаде дека е „уверен оти земјите-членки ќе најдат добро решение и консензус“.

Вчера и денеска во Брисел се одржа министерскиот состанок на НАТО, на кој учествуваа министрите за одбрана на земјите членки.

Како симболичен гест, лидерите на Алијансата имаат за цел да ја одржат првата седница на Советот НАТО-Украина со претседателот Володимир Зеленски во главниот град на Литванија, рече Столтенберг.

Овој потег претставува надградба на политичките врски и ќе му даде на Киев порамноправно место на масата „да се консултира и одлучува за безбедносните прашања“, рече Столтенберг.

Членките на НАТО сè уште немаат единствен став за барањето на Украина да се приклучи на Алијансата кога ќе заврши војната.

Источноевропските земји од НАТО се залагаат за подобар патоказ за пристап на Украина, но клучните сојузници како САД и Германија не сакаат да одат многу подалеку од нејасното ветување во 2014 година дека Украина еден ден ќе се приклучи.

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус денеска сугерираше дека е можно некои барања за членство да бидат олеснети доколку Украина евентуално е подготвена да се приклучи.

Вчера и денеска министрите за одбрана на НАТО не успеаја да постигнат договор за новите планови како да одговорат на рускиот напад, а еден дипломат ја обвини Турција за нивно спречување, објави Ројтерс.

Столтенберг рече дека министрите разговарале за плановите, први по крајот на Студената војна, и дека се приближуваат до договор.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП