„Доходот на регионот на Западен Балкан во однос на европскиот просек е само околу 40%, што покажува дека не растеме доволно брзо за да ја намалиме разликата со земјите од ЕУ. За да растеме побрзо и на поинклузивен начин, мораме да го подигнеме потенцијалот за раст, за што се потребни важни структурни реформи со кои ќе се зголемат инвестициите и физичкиот капитал, човечкиот капитал и продуктивноста. Ова е потребно особено во време на отежнати глобални макроекономски услови и геоекономска фрагментација“, истакна гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска, обраќајќи се на сесијата „Поплочување на патот кон просперитетот: Екофин-стратегии за раст на Западен Балкан“, којашто се одржа во рамките на „Преспа форум за дијалог“.
Ангеловска-Бежоска се осврна на ниската реална конвергенција на регионот на Западен Балкан во однос на ЕУ, којашто во голема мера се должи на структурни предизвици. Ова е видливо преку значителното намалување на потенцијалот за раст на регионот по глобалната финансиска криза, кога во просек е намален од околу 5% на 2,5%, коешто е посилно намалување во споредба со ЕУ и покажува дека конвергенцијата во иднина може да биде уште поголем предизвик за регионот.

