2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕкономијата се уште се движи со патерици!

Економијата се уште се движи со патерици!

Втората половина од годинава не само во земјава туку и на глобално ниво започочна со позначителна економска активност во однос на ланската година, но официјалните бројки не даваат голем оптимизам. Веќе е впечатливо дека светската економија не заживува толку брзо како што се очекуваше, постои и претпазливост од нов шок од областа на енергетиката. Од Брисел пристигнуваат позитивни сигнали за целиот регион дека за државите од опкружувањево би можеле да се офајдат од европските фондови. Тоа би била една голема подршка за приватниот сектор а со тоа бенефит би имале самите држави, односно, финансиската помош добро би дошла за заложбата на државите во креирањето на економскиот раст за годинава.

Оваа анализа на Денар ја започнуваме со информациите од домашните и меѓународните финансиски институции за намалените стапки на првично проектираниот економски раст за Македонија. Во својот најнов извештај Finance Think пресмета дека во првиот квартал од 2023, инфлацијата забави на 16.1% на годишна основа, откако го постигна својот врв од 19.3% во претходниот квартал. Забавувањето, исто како и растот претходно, е водено од спласнувањето на глобалните притисоци кај цените на енергијата и кај повеќе групи од храната, но базичната инфлација, која ги исклучува овие компоненти, и понатаму покажува значајна упорност, што налага понатамошна затегнатост на монетарната политика и исклучителна внимателност на фискалната политика.  

„Неизвесноста во економијата останува и понатаму присутна, со изразени тенденции за забавена економска активност во остатокот од годината. Finance Think ја намалува проекцијата за раст на БДП во 2023 на 2.0% од претходните 2.4%, а проектираниот раст на цените од 8.9% останува непроменет, двата со нагласена неизвесност.“ се наведува во извештајот на Институтот за економски и политички истражувања Finance Think.

Тоа што посебно загрижува е намалената проекција за глобалниот економски раст. Македонија е држава која многу е зависна од случувањето на економски план не само во регионот туку и пошироко. Светска банка веќе излезе со проекции намалени во однос на претходниот квартал во кои се наведува дека економскиот раст во светот ќе забави и на крајот на годинава ќе се испорача зголемување од само 2,1 отсто, а тоа претставува намалување од еден отсто за само три месеци. Во однос на регионот прогнозата на раст на економијата во земјава е некаде на средина. Ако највисоката е за Косово 3,7 отсто раст, а најниската за Бугарија 1,5 отсто, македонската економија е проектирана на 2,4 отсто раст за годинава. Не само за земјава туку на глобално ниво предизвиците и ризиците се исти за сите.

„Клучни фактори кои влијаат на економските перспективи се влијанијата од војната во Украина, пониската лична потрошувачка, заострените глобални финасиски услови и послабата побарувачка во еврозоната.“ – се наведува во извештајот на Светска Банка.

За разлика од Светска Банка, ЕБОР која е исто така влијателна меѓународна финансиска институција, очекува БДП на земјава годинава да не се зголемува повеќе од два отсто, што е најниска прогноза од сите институции кои ја мерат силата на македонската економија.

Од Народната Банка на Македонија годинава се очекува да заврши со раст на економијата од 2,1 отсто. Пооптимистични очекувања има за годината што следи и за 2025 година. За следната година растот е проектиран на 3,6 отсто, а пак за две години дека економијата сериозно ќе закрепне и ќе се искачи на раст од четири отсто. Целиот Балкан, од Европската банка за обнова и развој очекуваат да испорача годинава раст од 2,2 отсто.

Во однос на бизнис климата која е клучна за едно стопанство, очекувањата се дека економијата подолг период е во сенка на политичките прашања. Никако економските проблеми да добијат приоритет за решавање. Од Стопанската комора се децидни, се она што се подготвува во владата и се нуди на бизнисмените во последниве години е чист економски популизам а не вистинско покажување на интерес за подобрување на состојбите.

„Очекуваме, како бизнисмени, еднаш во три или шест месеци да ни се каже визијата на државата за ние да го следиме тој процес. Нас не интересира дали  ќе можеме слободно да ги продолжиме бизнисите и инвестициите. Исто така, популизмот во економските политики, сѐ е врзано со изборите кои најчесто се предвремени, а кампањите траат континуирано. Сѐ ова го дрма системот во основа и мора да го надминеме ако сакаме раст на извозот, како краен производ кој ќе ни овозможи повисок стандард и вклучување во евроинтеграциите“. – велат од Стопанската комора. И додека кинеската економија продолжува да расте со забрзано темпо, познавачите на состојбите нагласуваат дека од таквиот тренд корист ќе имаат поголемиот дел од економиите во светот. Што се однесува до моторот на европската економија – Германија, таа во првиот квартал од годинава влезе во техничка рецесија со два последователни квартали со негативен економски раст. Американската економија исто така се  соочува со големи турбуленции, а најголемиот дел од американците се на став дека годинава се живее потешко во однос на лани. И покрај војната што ја води и санкциите кои ги добија, Русија пак успеа да се врати во најголемите десет економии во светот. Интересен е фактот што ова се случува по пауза од осум години.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП