14 октомври, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПрво на шопинг, па во „Мркела“ на кркање – Македонците се редовни...

Прво на шопинг, па во „Мркела“ на кркање – Македонците се редовни викендаши во Врање

Секоја сабота и недела, без исклучок, околу 200 македонци го посетуваат српскиот град Врање за да ги испазарат потребните намирници по пониски цени, а секако, и за да се почестат со вкусна скара во некоја од врањанските меани.

Според најновата статистика, Македонците за време на викендите во Врање просечно трошат по околу 10.000 динари, односно околу 5.000 денари, а најбројни се кумановци и скопјани.

Истражувањето покажало дека Македонците најмногу пазарат сувомеснати производи, сирење, кајмак, како и гардероба и обувки.

Екипата на Денар разговараше со семејство од Скопје кое еднаш месечно задолжително оди на шопинг во Врање.

Таму, велат нашите соговорници, обично пазариме храна од „Лидл“ за целиот месец, а поради пониските цени на производите, ручекот во некоја од кафеаните ни доаѓа гратис.

-Не е дека заштедуваме којзнае колку пари. Кога ќе земете предвид горивото, патарините, амортизацијата, времето, тогаш можеби ќе излезе дека и поскапо плаќаме отколку да пазариме во Скопје. Но, така сме навикнати. Прво одиме во „Лидл“, пазариме храна и пијалаци за цел месец, а потоа, ако имаме потреба, шетаме во локалните бутици и купуваме облека и обувки. Можам да кажам дека сум изненадена од цените на патиките и кондурите, кои во Врање се скоро за 40% поевтини од кај нас. Истиот модел на патики во специјализирана продавница во Врање се продаваат за 5.000 динари, односно за 2.500 денари, а во Скопје, во истата таа продавница, чинат најмалку 4.000 денари – раскажува Сузана Кузмановска од Ѓорче Петров.

Таа вели дека за време на викендите, кафеаните во Врање буквално „крцаат“ од гости и најчесто нема слободно место.

-Македонците најчесто одат само во неколку најпознати кафеани во Врање, кои се познати по добрата храна. Иако амбиентот не е многу за фалење и за фотографирање, сепак храната е превкусна. Некои одат во кафеаните „Мркела“, кои ги има повеќе низ градот, а некои одат во кафеаната „Код Баке“. Цените се слични како кај нас, но вкусот е совршен – раскажува нашата соговорничка.

За оние Македонци кои немаат автомобили, пак, тука се туристичките агенции да им понудат евтин повратен билет до Врање.

Па така, еднодневно патување од Скопје до Врање преку туристичка агенција чини 600 денари.

Б.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП