28 март, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАМеџити појаснува за лекувањето на странците: Ова и порано функционирало, граѓаните со...

Меџити појаснува за лекувањето на странците: Ова и порано функционирало, граѓаните со здравствено нема да се подредени

Во врска со ценовникот за давање здравствени услуги на странци, Министерството за здравство информира дека до сите универзитетски клиники и институти е доставен допис за усогласување на ценовниците за приватни здравствени услуги на странците со граѓаните на Македонија, кои се неосигурени и плаќаат приватно.

„Потенцираме дека воопшто не станува збор за изедначување на цените помеѓу странските државјани и државјаните на РСМ, туку изедначувањето е со приватните пациенти, кои не се здравствено осигурени, односно кои не плаќаат здравствено осигурување“, велат од Министерството за здравство.

Оттука, како што додаваат, за овие промени не се потребни никакви промени во законот бидејќи некои од клиниките и институтите веќе имаа изедначени ценовници, односно еден ценовник за приватни здравствени услуги.

Се додава дека со оваа промена на странските државјани им се дава право на избор помеѓу јавните и приватните установи, со тоа што се промовира јавното здравство како една достапна ефикасна здравствена услуга во нашата држава конкурентна на пазарот на трудот.

„Иста е цената. Македонските државјани што немаат здравствено осигурување ќе плаќаат иста цена со странците бидејќи се работи за приватна услуга. Тоа значи дека граѓаните што плаќаат здравствено осигурување во никој случај нема да бидат на каков било начин во подредена состојба да им го плаќаат данокот на странците, државјаните секако партиципација ќе си плаќаат, односно ќе плаќаат поевтино. Ова и порано функционирало во некои државни клиники, а сега со ова се продолжува иницијативата и за другите клиники“, додаваат од Министерството.

Mеџити претходно вчера кажа дека граѓаните на Косово и Албанија ќе се лекуваат со исти цени како и граѓаните на Македонија.

„Косовските граѓани плаќаа двојни цени и тоа само во јавното здравство, а не во приватното. Дадовме наредба од Министерството за здравство ова да се израмни и да има исти цени како за државата, бидејќи всушност не доаѓаат странци во Македонија, тие се од Косово, особено за здравствени потреби. Презедов мерки и за граѓаните од Албанија кои доаѓаат и ги посетуваат болниците во Охридскиот регион“, изјави вчера министерот за здравство.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП