7 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАВремето ни го зеде здравјето – лекарите од Брза Помош не знаат...

Времето ни го зеде здравјето – лекарите од Брза Помош не знаат кој крај да го фатат

Високи температури наутро и претпладне, а интензивни краткотрајни врнежи од дожд попладне и навечер, кои само дополнително ја зголемуваат влажноста на воздухот, претставуваат „убиство“ за хронично болните, постарите, бремените, но и за другите граѓани кои немаат здравствени проблеми.

Со вакво (не)време се измачуваме веќе цел месец, а граѓаните отворено се жалат дека тешко ги поднесуваат промените кои им предизвикуваат главоболки, општа премаленост, недостиг на енергија, несоница, па дури и несвестица.

Како последица на тешкото и спарно време, зголемени интервенции имаат лекарите од Брзата помош, а сирените на лекарските комбиња скоро по цел ден се слушаат во главниот град.

-Точно е, имаме зголемен број интервенции, бидејќи променливото време им носи тешкотии на пациентите со хронични болести, на пациентите со психички болести кои чувствуваат вознемиреност, на повозрасните лица, па дури и кај оние кои никогаш немале некој конкретен здравствен проблем. Имаме зголемен број мозочни удари, но и сообраќајни несреќи кои се случуваат како последица на губење на концентрацијата поради високите температури – вели докторка од Итната медицинска помош во Скопје.

Таа ги советува граѓаните да пијат течности, бидејќи, како што вели, без доволно вода, лесно се случува згрутчување на крвта која може да предизвика мозочен или срцев удар, но и дехидрација.

-Не излегувајте на сонце, а веќе ако морате, тогаш задолжително носете капа на главата. Ако управувате со возило, бидете поконцентрирани и внимавајте на сообраќајот. И секогаш, ама баш секогаш, каде и да одите, носете шише со вода – советува докторката.

И аптекарите велат дека во изминатиов период е зголемена побарувачката на аналгетици што се пијат за главоболки.

-Секој втор човек што ќе влезе во аптека купува аналгетици поради болка во главата. И самите пациенти си знаат дека им е од променливото време – информира вработена во приватна аптека.

Како што најавуваат од УХМЕ, и во следните денови на повеќе места во попладневните часови ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, додека, пак, утрата ќе бидат топли.

„Локално, процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пороен дожд за кратко време, електрични празнења, силен ветер и појава на град. Температурите ќе бидат без поголема промена“, најавуваат од УХМР.

Б.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП