30 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПокачувањето на платите на функционерите ги остави бебињата без пелени?

Покачувањето на платите на функционерите ги остави бебињата без пелени?

Дали е вистина дека во Буџетот нема пари за зголемените плати на функционерите за неверојатни 70 проценти, па се крати од секаде од каде што може да се крати, вклучително и од парите за исплата на породилните отсуства?

Ова прашање сѐ почесто се поставува во политичките кругови откако голем број мајки на новороденчиња на социјалните мрежи реагираат дека 2 месеца државата ги оставила без пари за пелени и за млеко.

Конкретен одговор на прашањето, секако, не добивме ниту од Министерството за финансии, ниту од Фондот за здравство.

Единственото нешто што го добивме од овие две институции е можноста да следиме „пинг-понг натпревар“ во живо, за време на кој сите си го префрлаат топчето од својата на туѓата страна.
Едните велат дека парите треба да ги пушти Трезорот во министерството, а од Финансии враќаат дека во Трезор не стојат налози.

А каде лежи главниот проблем и колку точно пари месечно се предвидени за оваа намена – никој не кажува.

Извесна Марија, млада мајка од Скопје, на социјалната мрежа Фејсбук коментира дека не добила ниту денар уште откако се породила, иако бебето наскоро ќе ѝ наполни 3 месеци.

-Не е дека ќе умреме од глад, ама тие пари ни беа планирани уште пред да се породам. Тоа се мои пари, зошто да не ги добијам? Некои велат дека парите ќе ни ги пуштат сите одеднаш кога ќе се средат работите. Но што да правиме за тоа време? Да се позајмуваме од комшии за да купиме пелени? Уште па се зборува дека причина за ваквиот застој е зголемувањето на платите на функционерите за 70 проценти. Ако е навистина така, нека се засрамат сите до еден – коментира Марија.

Инаку, мајките кои се на породилно отсуство исплата добиваат во три групи, околу 10-ти, од 13-ти до 15-ти и од 23-ти до 25-ти во месецот.

Слично доцнење имаше и на почетокот на годината кога беше хакиран сајтот на Фондот за здравствено осигурување.

Б.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП