6 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАКовачевски понудил место за Мицкоски во Владата, опозиционерот прифатил уставни измени со...

Ковачевски понудил место за Мицкоски во Владата, опозиционерот прифатил уставни измени со услови

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по лидерската средба, рече дека премиерот Димитар Ковачевски му понудил да влезат во Владата, а цената е да се плати со поддршка за уставните измени. Ковачевски ги поставил условите, а Мицкоски веднаш дал одговор на понудата.

„Разговаравме за предлозите што ги даде Ковачевски, од кои би издвоил еден: тој предложи во рамките на парламентот да почне и се отвори дискусија, да се изгласа потребата со 2/3 за промена на Уставот, а потоа да биде формирана влада, во која од десетте ресори што ги менаџира СДСМ, пет да ѝ бидат дадени на ВМРО-ДПМНЕ, да бидат завршени уставните измени, да почне процесот на преговори за кои пред една година нè убедуваа дека е почнат, а потоа да бидат затворени поглавјата 1, 2, 3, во зависност од брзината, а таа влада да оди на парламентарни избори. На оваа понуда беше даден одговор: во ред, ја разбирам понудата и за неа го имам следниот став: ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да влезе во Владата со СДСМ, но без учество на ДУИ во таа Влада“, рече Мицкоски.

Тој во детали го објасни дадениот одговор.

„ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да учествува во неа, но избори организира техничка влада, а уставните измени да важат од денот кога ќе почне ратификацијата на пристапниот протокол на Македонија во рамките на ЕУ од парламентите на 27 земји членки. Тоа тој го протолкува како кршење на преговарачката рамка. Јас потоа му понудив да одиме на предвремени парламентарни избори наесен, формирање влада со широко национално единство, каде што нема да биде ДУИ, и бидејќи ниту една земја членка нема против македонскиот многувековен идентитет, традиција, култура, обичаи, македонскиот јазик, тогаш јас сум подготвен да разговарам со европските премиери за да изгласаат потврда, т.е. гаранција за ова што го зборуваме, па да видиме дали е тоа навистина така како што велат дека е, а со оглед дека и Бугарија има избрана влада. И да дојдеме да кажеме дека Европа застанува зад многувековниот идентитет“, посочи Мицкоски.

За делот за добрососедството за кое е разговарано, Мицкоски рече дека бара спроведување на одлуките од Стразбур, кои се однесуваат на Македонците во Бугарија.

„Јас би сакал да бидам добар сосед со Бугарија и од оние 14 судски случаи во Стразбур, Бугарија да избере три и тие да ги примени. Еве, Бугарија нека избира, не ние. Од овие 6, кои се конечни, нека избере 3. Тогаш ќе речеме добро е, има позитивен ветер и нашинците во Бугарија ќе се почувствуваат дека некој од нивната матична држава стои зад нив. Тој (Ковачевски) не го прифати ова бидејќи тоа е промена на преговарачката рамка. Но, ние бараме пакет, грижа, а не е преговарачка рамка“, додаде Мицкоски.

Мицкоски кажа и за епилогот и можноста да се организира нова лидерска средба.

„Предлогот мој беше дека нема потреба од гимнастики во јавноста, реков да не брза со заклучокот, да размисли. Понудите се тие, на маса се. Стојам на располагање за дополнителни консултации. Ова се принципите врз основа на кои ќе се носи решението, зад кое ние како ВМРО-ДПМНЕ може да поддржиме“, кажа Мицкоски.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП