7 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонски Железници-Транспорт е пред колапс – на железничарите им е дојдено преку...

Македонски Железници-Транспорт е пред колапс – на железничарите им е дојдено преку глава да молат за плата

Вработените во Македонски Железници-Транспорт нема да престанат да штрајкуваат и во идните месеци сѐ додека заостанатиот долг на платите надминува повеќе од еден цел месец, брифираат за Денар членови на раководството на МЖ-Транспорт.

Последниот штрајк се случи во четвртокот минатата недела, но не траеше долго затоа што на сметките на вработените веднаш им легна втората половинка-плата за месецот април.
Но, како што брифираат дел од железничарите, долгот на оваа државна компанија е преголем, а заработка дури и да не постои.

-Ситуацијата во Македонски Железници е пострашна отколку што изгледа. Добиваме по половина плата месечно, а многу често не ни ја даваат ни таа половинка. Така се случи сега кога не ни ја пуштија втората половинка од месец април, но сите вработени сложно решија да штрајкуваат и да си ги побараат платите. Не знам што направија директорите, ама уште следниот ден ни беше префрлена плата. Како и да е, работата не ни чини. Сѐ се распаѓа, ништо позитивно нема на работа. Можам да кажам дека сѐ уште сме вработени само благодарение на товарниот транспорт кој е колку-толку профитабилен. Верувајте дека патничкиот транспорт е веќе умрена работа. Патниците ја загубија довербата во овој начин на превоз. И потполно се во право, бидејќи немаме услови за да бидеме професионалци. Пругите се стари и небезбедни, голем дел од локомотивите се расипани, има чести дефекти кои знаат да потраат со часови, а да не зборуваме за тоа дека од Скопје до Велес со воз се патува цели 2 часа – раскажува разочаран член на раководството на Македонски Железници – Транспорт.

Неколку години наназад, токму МЖ-Транспорт е една од најголемите државни загубари, а едно од решенијата на овој долгогодишен проблем кој ги измачува буквално сите во државава е да се направи план за реорганизација, или, пак, компанијата да премине во јавно-приватно партнерство.

Уште во 2001 година беше најавена изработка на физибилити студија која требаше да покаже кој модел е подобар, но и по 2 години оттогаш, компанијата продолжува да тоне во долгови затоа што не е во состојба да ги подмирува ни спогодбено договорените рати за старите долгови кон некои странски железници.

-Одамна ни најавуваат дека ќе нѐ приватизираат, но веќе неколку години ние живееме само во пуста надеж дека ќе се случи такво нешто. Во последно време веќе и почнавме да ја губиме надежта. Кога подобро ќе размислите, кој бизнисмен би сакал да купи пропаднат бизнис кој само до преклани беше задолжен повеќе од 7 милиони евра, а сега слушнав дека таа бројка е многу поголема?! Загубата во работењето не може да се покрие ниту со редовните 4,6 милиони евра кои државата секоја година преку Министерството за транспорт и врски ги издвојува за субвенционирање на патничкиот сообраќај, за кој, пак, потребни се 13,3 милиони евра – објаснува нашиот соговорник.

И вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи неодамна изјави дека Владата планира да го реши проблемот со овој загубар, а најави и нова физибилити студија која требаше да покаже дали ќе има можност за формирање јавно-приватно партнерство иили ќе треба да се реорганизира МЖ-Транспорт.

Нашите анализи покажаа дека преструктуирањето на некои од претпријатијата е неминовен процес. Веќе знаете дека Владата има почнато процес на избор на компании за физибилити студија – изјави тогаш Битиќи.

Без разлика на одлуката и без разлика на времето коешто ќе биде потребно за да се донесе одлуката, вработените во МЖ-Транспрот се цврсто решени да се борат за своите плати со нови штрајкови, оти, како што велат, чесно ги заработуваат своите пари.

Б.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП