1 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИнфлуенсерите во Франција може да добијат затворска казна до 2 години

Инфлуенсерите во Франција може да добијат затворска казна до 2 години

Францускиот парламент усвои предлог-закон за регулирање на активностите на влијателните лица на социјалните мрежи со цел да се ограничи промоцијата на опасни производи и трендови.

За усвојување на законот гласаа 342 сенатори од целиот политички спектар, објави „Euronews“.

„Можеме да бидеме горди на овој договор без преседан“, рече Амел Гакер, сенаторот задолжен да го претстави предлог-законот во Горниот дом.

Во Франција има околу 150.000 инфлуенсери, но постапките на некои од нив го изложија маркетингот на социјалните мрежи на лавина критики.

„Инфлуенсерите ќе продолжат да работат. Тие секогаш ќе постојат, но ќе знаат дека законот е тука да ги казни“, велат предлагачите на законот и додаваат дека текстот „ќе ги заштити потрошувачите, особено помладите“.

Што менува законот за инфлуенсерите?

Во законот, правната дефиниција на таквите лица е „физички или правни лица кои за надомест ја мобилизираат својата озлогласеност меѓу својата публика“ за промовирање на стоки и услуги на интернет.

Се забранува промоција на одредени практики, како што е естетската хирургија, и забранува или строго регулира промоција на одредени медицински помагала.

Забранета е и промоција на производи кои содржат никотин.

Што се однесува до спортското обложување и коцкањето: инфлуенсерите повеќе нема да можат да промовираат претплати за спортски предвидувања, а промоцијата на игри со облози за пари ќе биде ограничена на платформи кои го ограничуваат пристапот на малолетниците.

Законот забранува и објавување содржини со видови животни чија сопственост е забранета.

Рекламните слики – на пример на козметички производи – мора да откријат дали се ретуширани или користен филтер за да бидат попривлечни.

Казните за непочитување може да бидат до две години затвор и парична казна од 300.000 евра.

Ќе се регулираат и агентите на инфлуенсерите. Писмениот договор ќе биде задолжителен кога вклучените износи ќе надминат одреден праг.

Текстот вклучува и мерки за да се бара одговорност од социјалните платформи, додава „Euronews“.

Додека многу успешни инфлуенсери во Европа работат од странство, како Дубаи, францускиот нацрт-закон има за цел да бара од оние надвор од Европската унија, Швајцарија или од Европската економска област да склучат осигурување во рамките на ЕУ, што ќе формира фонд за компензација на потенцијалите жртви. Покрај тоа, тие ќе треба да назначат свој правен застапник во ЕУ.

Унијата на создавачи на содржини (Umicc) го пофали новиот закон како „пофални и суштински предлози“. Од таму, сепак, тие ги предупредија законодавците за ризикот од „дискриминација или прекумерна регулација“ на одредени влијателни лица.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП