Според последниот извештај на Светскиот економски форум, ризикот од фрагментација на глобалната економија (деглобализација) е еден од трите најголеми глобални ризици, заедно со кризата на трошоците на животот и климатските ризици. Процесот на деглобализација може особено неповолно да делува на малите економии коишто по својата природа се повеќе зависни од надворешна трговија и пристап до надворешно финансирање. Ова беше дел од дискусијата на гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, на тркалезната маса којашто ја водеше директорката на ММФ, Кристалина Георгиева, во рамките на конференцијата под наслов „Водење политики во немирни води: Јакнење на отпорноста на Централна, Источна и Југоисточна Европа“, во организација на Хрватската народна банка (ХНБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Конференцијата ја отвори директорката на ММФ, Кристалина Георгиева, заедно со премиерот на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ и гувернерот на Хрватската народна банка, Борис Вујчиќ.
„Пандемијата и последиците од војната во Украинасе еден од најголемите стрес-тестови на повеќедеценискиот процес на глобализација. Според некои оцени процесот на глобализација во изминатите четири децении овозможи зголемување на глобалниот доход за околу 10% во изминатата декада. Деглобализацијата е особен ризик за земјите од регионот, кај кои поради евентуалното намалување на трговските текови, како и на тековите на капитал, труд и технолошки иновации, може значително да се намалат потенцијалот за раст и реалната конвергенција“, посочи гувернерката во своето излагање.

