29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААвтомобилот се однесува чудно? Не трчајте веднаш на сервис, туку на бензинска...

Автомобилот се однесува чудно? Не трчајте веднаш на сервис, туку на бензинска пумпа!

Автомобилот почнува да трокира и да ја губи својата моќност секогаш кога ќе му ставам гориво од некоја приватна, локална и не толку позната бензинска пумпа, вели 30-годишниот Мартин од Скопје, кој признава дека ни на крајот на паметот не му дошло да се посомнева во квалитетот на горивото што му го тура на своето возило, но, како што посочува, мајсторите му ги отвориле очите.

-Имав проблеми со автомобилот. Почна постојано да трокира и да ја губи силата. Го однесов на сервис, направија детална проверка, но ми кажаа дека возилото е во одлична состојба. Ми кажаа дека треба задолжително да ја сменам бензинската пумпа од каде што точам гориво, оти горивото не било квалитетно и дека автомобилот го препознава тоа. А навистина, баш во тој период во близина на мојот дом отворија некоја приватна бензинска пумпа, па поради близината, јас почнав од таму да точам гориво. Од тој момент гориво ставам само од три проверени бензински пумпи и не сум забележал никаков проблем – раскажува нашиот соговорник.

Од друга страна, пак, властите тврдат дека бензините на домашниот пазар се со многу добар квалитет, иако признаваат дека во изминатиот период се забележани и мали отстапувања кај приватните бензински пумпи.

Надлежните велат дека постојано се испитуваат параметрите на мазутот и на дизелот со цел да се запази еколошкиот момент, иако и кај овие два деривата биле откриени мали отстапувања.

Од Министерството за економија велат дека постои Правилник за квалитетот на нафтените деривати кој е усогласен со европските стандарди и сите мора да се придржуваат до него.

-Секое отстапување повлекува прекршочни пријави од страна на пазарните инспектори. Граѓаните мора да бидат заштитени и уверени во квалитетот на енергенсите и идна цел е процесот на поставување на гасомерите, со цел конечно да заживее гасоводниот систем во државата – велат од Министерството за економија.

Од компанијата „Макпетрол“ велат дека на нивните бензински пумпи се точи гориво кое го исполнува стандардот ЕУРО 5.

-На бензинските станици на нашиот пазар задолжително сите горива треба да го исполнуваат стандардот ЕУРО 5, кој важи на ниво на целата Европска Унија за квалитет на горивата. За контролата на квалитетот на горивата на пазарот е задолжена Царината, која за таа намена неодамна набави и мобилна лабораторија за проверка. И нашата компанија поседува лабораторија за тестирање на квалитетот на горивата со што дополнително се гарантира квалитетот на горивата кои се продаваат – велат од „Макпетрол“.

Оттаму појаснуваат дека неквалитетните горива, освен зголемената потрошувачка и намалена моќност на возилото, може да содржат и повеќе сулфур и цврсти честички кои по согорувањето во моторот дополнително го загадуваат воздухот, особено во градските средини со погуста концентрација на сообраќај.

Од ОКТА, пак, велат дека постојано спроведуваат тројна контрола на квалитетот на горивото.
Првата контрола се спроведува во рафинеријата каде што горивото се товара пред да биде транспортирано. Втората контрола ја правиме кога тоа ќе пристигне во инсталациите на ОКТА и третата контрола се прави пред горивото да се испорача на пазарот. Проблемот со увоз на гориво со низок квалитет од страна на неколку независни увозници, во повеќе наврати беше идентификуван од страна на ОКТА и пријавен во Пазарниот инспекторат. ОКТА, којашто покрива повеќе од 60% од увозот на гориво, придонесува кон непреченото снабдување со гориво со највисоки стандарди и затоа сме во позиција на нашите купувачи во целостс да им го гарантираме квалитеот на нашите производи – велат од ОКТА.

Горивата во Македонија и во регионот

Загрижувачки податоци откриваат анализите на лабораторијата во Грција, која во септември минатата година направи тест на горивата што се точат во земјите од регионот.

Наместо рафиниран производ, во резервоарите пронашле нафтени деривати помешани со масло и керозин, а тоа во голема мера му штети на моторот и ги труе граѓаните.

Анализите биле направени во Албанија, Македонија, Црна Гора и Грција, а податоците покажале дека најлоша нафта има на бензинските во соседна Албанија, додека Македонците и Црногорците точат најквалитетен дизел во регионот.

На скала од 0 до 5, дизелот во Македонија и во Црна Гора ја добил највисоката оценка за квалитет. Грција има четворка, додека дизелот во Албанија е со најслаб квалитет. Вештаците констатирале дека 3 од вкупно 5 албански примероци на нафта имале многу лош квалитет (оценка 0) и дека не се сметаат за сигурни производи за употреба.

Б.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП