27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЌе пиеме ли топла вода среде лето?

Ќе пиеме ли топла вода среде лето?

Иако се наоѓав среде отворен трговски центар преполн со колонијали и со дуќани, сепак морав да испешачам повеќе од половина километар само за да пронајдам продавница во којашто се вклучени фрижидерите со пијалаци за да би можела да купам шише студена вода.

Ова за Денар.мк го раскажува 28-годишната Симона од Скопје, трудница во осмиот месец од бременоста, која била принудена да пешачи од едниот до другиот крај на населбата Влае само за да си купи шише со студена вода.

Таа вели дека во најголемиот дел од колонијалите во ТЦ Порта Влае не се продаваат студени пијалаци, поради тоа што, како што ѝ соопштиле продавачите, скапа била индустриската струја и не им се исплатело да ладат шишиња со вода чија продажна цена не е повисока од 15 денари.

-Влегов во еден колонијал за да си купам вода, но фрижидерите со пијалаци не беа вклучени. Решив да си ја пробам среќата во следната продавница, но и таму начекав топли фрижидери. Морав да испешачам дури до мостот Влајко за да си купам шише со вода. Страшна работа. Продавачите, всушност, не ни се обидуваат да сокријат дека намерно не ги вклучуваат фрижидерите оти сметките за струја им биле високи. Велат дека индустриската струја што ја плаќаат е прескапа и дека не им се исплати да ладат шишиња со вода. Ги прашав што ќе прават во текот на летните денови кога температурата ќе биде екстремно висока и кога луѓето почесто ќе бараат студена вода, но ми рекоа дека не планираат да ги вклучат фрижидерите сѐ додека не поевтини електричната енергија – раскажува Симона.

Екипата на Денар излезе на терен и само во текот на вчерашниот ден посети вкупно 12 колонијали во населбите Влае, Ѓорче Петров, Даме Груев и Волково, а најинтересно е тоа што во половина од нив не беа вклучени фрижидерите за пијалаци и не успеавме да купиме студена вода.

Дел од „штедачите“ се правдаа дека токму сега го чистеле фрижидерот и дека наскоро ќе го вклучат во штекер. Други, пак, рекоа дека фрижидерот бил расипан и дека мајсторот-електричар само што го поправил, па тие не стигнале да го вклучат во струја. А секако, имаше и такви кои директно ни ја плеснаа вистината в очи: „не ни се исплати да ладиме вода на индустриска струја“.

За ваквиот феномен на штедење е информирана и Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ) од каде што ги охрабруваат граѓаните да ги упатуваат своите поплаки до Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), која е задолжена за контрола на безбедноста на храната и пијалаците.

Оттаму објаснуваат дека трговците имаат законски обврски за чување на пијалаците во одредени услови и на соодветна температура. Како што појаснуваат, точно се знае која храна или пијалак на колку степени треба да се чува, а во спротивно, предвидени се казни.

Б.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП