Од четврток зеленчукот нема да има замрзната цена. Мерката за замрзнување на цените донесена за да се спречат големи поскапувања истекува утре, а Владата најави дека нема да ја продолжи. Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, денес образложи дека цените се одмрзнуваат оти сè што досега ја кревало цената е нормализирано.
„Сите предуслови што треба да се исполнат за да останат цените на исто ниво, па можеби дури и очекувањето да бидат помали, се направени. Сите претходни услови што беа креирани за да се зголемат цените, сега ги нема. Електричната енергија не е на цената на која беше, цената на суровини е намалена на светските берзи. Тоа значи дека и оние што произведуваат, но и оние што тргуваат, имаат услови реално да ги задржат намалените цени, како што беа замрзнатите, дури и да одат надолу. Ние видовме дека на пазарот на трговија со зеленчук цените природно се намалија дури 40 отсто од замрзнатите. Затоа одлуката е да се одмрзнат“, рече вицепремиерот Битиќи.

