27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНе пристигнало летото, а тие веќе мислат на зимата - граѓаните навалија...

Не пристигнало летото, а тие веќе мислат на зимата – граѓаните навалија на поевтини дрва и пелети

Знаејќи каков ценовен шок ги очекува наесен кога за купување огревно дрво и пелети се трошат цели богатства, граѓаните уште сега започнаа да обезбедуваат огрев за следната сезона, особено поради тоа што цените сега се пониски дури за 30 проценти.

Снабдувачите со пелети и огревно дрво веќе имаат полни раце работа, а на стовариштата можат да се забележат редици камиони со дрва кои чекаат да бидат истоварени во нечиј подрум.

Продавачите на огревно дрво велат дека испораките течат секојдевно затоа што многу граѓани веќе уплатиле пари за огрев, а очекуваат побарувачката и натаму да расте.

– Побарувачката на огревно дрво нагло се зголеми во мај. И самите знаеме каква беше минатата година, особено втората половина на годината. Затоа народот уште сега започна да купува огрев за следната зима, оти знае дека ќе заштеди најмалку 30 проценти од вкупната цена – вели продавач на огревно дрво на територијата на Ѓорче Петров.

Во однос на пролетната цена на огревното дрво, нашиот соговорник објаснува дека зависно од квалитетот и видот на дрвото, еден квадратен метар чини од 3.500 до 5.000 денари. 

– За некому и ова е скапо, ама верувајте дека цените наесен драстично ќе се зголемат. Освен тоа што ние го набавуваме дрвото од Македонски шуми, имаме и трошоци за сеча, транспорт, а и за плати на работниците. Апелирам до граѓаните уште сега да си го обезбедат огревот за следната зима, оти е поевтино и оти има поголем избор – посочува сопственикот на стовариштето.

Според трговците со пелети, пак, пролетните цени се доволно ниски за да ги стимулираат потрошувачите уште сега да си го обезбедат огревот за следната зима.

– Се очекува цената на пелетите да биде повисока во втората половина од годината и пред почетокот на следната грејна сезона. Мора да признаеме дека за разлика од истиот период лани, годинава има многу поголема побарувачка на пелети. Граѓаните се научија да си купуваат поголеми количини, а цената во моментов се движи од 250 до 275 денари – велат продавачи на пелети кои го огласуваат огревот на социјалните мрежи.

Експертите ги советуваат граѓаните, доколку имаат можност, уште сега да го набават својот огрев, бидејќи, како што објаснуваат, дрвото најголема топлина дава кога е полусуво, а и сега цената му е најповолна, но и многу стоваришта овозможуваат плаќање на рати.

Б.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП