„Без никакво сомневање, приоритетот на централните банки е стабилизирањето на инфлацијата, за што и натаму треба да се водат внимателни макроекономски политики“. Ова го посочи гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на панел-дискусијата на гувернерите во рамките на Самитот на гувернери на централни банки, министри на финансии и директори на даночни управи во регионот, под наслов „Финансиската и монетарната стабилност во регионот во услови на продолжени геополитички и економски кризи“, којшто се одржува во Црна Гора.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска посочи дека од историска перспектива во справувањето со оваа инфлациска епизода, во светски рамки, сведочиме за едно од најсинхронизираните затегнувања на монетарната политика во изминатиот половина век, при што реакцијата на централните банки беше двојно посилна во однос на историскиот просек. Ова е карактеристично и за земјите од регионот, коишто реагираа преку различни инструменти во зависност од монетарната стратегија и инструментариумот којшто го имаат на располагање. Како резултат на реакциите на централните банки, и при пад на цените на примарните производи вкупната инфлација значително забавува и од нејзиниот максимум од 14,3% во 2022 година се сведува на околу 10% според последните податоци од април годинава, иако базичната инфлација покажува поизразена инерција. Овој тренд се бележи и во македонската економија.

