19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГерманската економија влезе во рецесија, големо влијание на инфлацијата

Германската економија влезе во рецесија, големо влијание на инфлацијата

Германската економија благо се намали во првиот квартал и падна во рецесија, покажаа во четвртокот ревидираните проценки на заводот за статистика, откривајќи силен инфлаторен притисок врз личната потрошувачка.

Сезонски и ценовно приспособениот бруто-домашен производ (БДП) падна во првите три месеци од оваа година за 0,3 отсто во споредба со претходниот квартал кога се намали за 0,5 отсто, покажуваат новите проценки на Дестатис.

Првата оценка покажа стагнација на активноста на почетокот на годината.

Пад на БДП

Во однос на првиот квартал од минатата година, БДП е намален за 0,5 отсто во првите три месеци од годинава. Претходната проценка на Дестатис покажа пад на активноста од 0,1 отсто.

„Откако БДП се лизна на негативна територија веќе на крајот на 2022 година, германската економија забележа два негативни квартали по ред“, рече претседателката на Дестатис, Рут Бранд.

Ако економијата се намалува два квартали по ред, економистите зборуваат за техничка рецесија, потсетува ДПА.

Високата инфлација ја лиши економијата од поддршка за лична потрошувачка, покажуваат новите податоци. Личната потрошувачка е намалена за 1,2 отсто во однос на крајот на 2022 година, кога потона за 1,7 отсто.

Домаќинствата во првите три месеци од годинава помалку трошеле за храна и пијалоци, облека и обувки и за мебел, посочуваат статистичарите.

Висока априлска инфлација

Иако растот на цените во последно време е забавен, стапката на инфлација во април од 7,2 отсто се уште е висока.

Позитивни импулси беа бруто-инвестициите на компаниите и извозот, кои бележат пораст од 3,0 отсто, односно 0,4 отсто во однос на претходните три месеци.

Зголемени се инвестициите во градежниот сектор, поради поволните временски услови и инвестициите на компаниите во опрема како машини, уреди и возила.

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Европската комисија очекуваат дека германската економија повеќе или помалку ќе стагнира оваа година, германската влада прогнозира раст на активноста од 0,4 проценти.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП