9 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВо Македонија започна со работа организираниот пазар за тргување со електрична енергија...

Во Македонија започна со работа организираниот пазар за тргување со електрична енергија “ден однапред”

На 10-ти мај, Националниот оператор за електрична енергија – МЕМО, одбележа значајна пресвртница во енергетскиот сектор: започнувањето со работа на пазарот “Ден однапред” за тргување со електрична енергија. Отворањето на овој пазар е клучен чекор кон модернизирање на енергетскиот сектор на Северна Македонија и овозможување на земјата да изгради модерна,  чиста и отпорна енергетска иднина.

Меѓу присутните говорници на настанот беа заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања на Република Северна Македонија Фатмир Битиќи, вршителот на должност Амбасадор на Соединетите Американски Држави во Северна Македонија, Ерик Мајер, директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница, Артур Лорковски и управителот на МЕМО Симон Шутиноски.

Говорниците ги истакнаа позитивните влијанија што ќе ги има пазарот за електрична енергија за Северна Македонија и нејзините граѓани, вклучително и подобрување на пазарната ефикасност и транспарентност, зголемување на конкуренцијата, зајакнување на флексибилноста на пазарот, промовирање на добро дефинирана регулаторна рамка и подобра интеграција на обновливите извори на енергија.

Премиерот во писмото кое го испрати од работната посета во САД нагласи дека ова е уште еден успешен чекор напред – стартува со работа првата македонска берза за тргување со електрична енергија!

По повод отпочнувањето со работа на организираниот пазар на електрична енергија, од страна на Националниот оператор на пазар на електрична енергија, МЕМО, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски. Преку писмото упати честитки до директорот на МЕМО Симон Шутиноски и до неговиот тим, како и до сите чинители во енергетскиот сектор и во Владата, кои работеа на оваа долгогодишна визија.

Премиерот Ковачевски во своето писмо, го нагласи и значењето на поддршката на Секретаријатот на Енергетската Заедница и на USAID, во процесот.

Вршителот на должност Амбасадор на САД нагласи: „Мораме да бидеме реални. Овие придобивки може да се остварат само ако пазарот ден однапред вистински функционира како што е замислен… Ги охрабрувам сите трговци со електрична енергија, снабдувачи и производители на обновлива енергија да го остварите вашиот дел: активно да се вклучите во пазарот ден однапред, за да можете во целост да ги искористите овие придобивки“.

Пазарот „Ден однапред“, исто така, ќе промовира поголема економска интеграција во Европа, бидејќи и овозможува на Северна Македонија повеќе можности да го усогласи сопствениот пазар со пазарите на електрична енергија во соседните земји. Со промовирање на поголема поврзаност со соседните земји, тоа овозможува зголемена прекугранична трговија и на крајот повеќе странски инвестиции во енергетскиот сектор на земјата, особено во обновливите извори на енергија.

Управителот на МЕМО, Шутиноски потенцираше: „ Со отпочнувањето со работа на берзата ќе поттикнеме ефикасна конкуренција во производството, трговијата и снабдувањето со електрична енергија, обезбедуваме оптимална употреба на инфраструктурата за пренос на електрична енергија, обезбедивме чесен, транспарентен и недискриминаторен третман на учесниците на пазарот ден – однапред, обезбедуваме и подобрување на транспарентноста и довербата во информациите, и почитување на потребата за чесен пазар на електрична енергија и чесно и пазарно формирање на цените за електрична енергија“.

-Голема благодарност на сите 22 компании кои до денес склучија договори со МЕМО за учество на берзата на електрична енергија, а посебно на оние 20 кои денес имаа можност да отпочнат со тргување. Ги уверувам сите овие учесници, и оние останати кои најавија пристапување кон берзата на електрична енергија, да го следат примерот, и дека при тргувањето на организираниот пазар секој од вас ќе го најде својот интерес. Со вашето тргување и постепено зголемување на истргувани количини на електрична енергија ќе добиеме постепено зголемување на ликвидност на берзата, и пореална цена отсликана од потребите на македонското општество, македонската индустрија, македонското стопанство. Вака развиениот организиран пазар на електрична енергија во Република Северна Македонија ќе биде подготвен за пазарно спојување со соседните организирани пазари, следејќи го ПАН Европскиот модел на пазар на електрична енергија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП