Граѓаните да извршат увид во Годишните даночни пријави за 2022 година што Управата за јавни приходи ги постави на корисничките профили во „е-Персонален данок“, за вкупниот доход кој го оствариле во текот 2022 година. Секој кој е регистриран на системот „е- Персонален данок“ е должен на својот кориснички профил да ја прегледа Годишната даночна пријава за 2022 година и да ја потврди доколку се согласува со податоците содржани во неа, или пак да ја коригира доколку смета дека податоците не се точни.
Рокот за потврда или корекција на даночната пријава е 31 мај 2023 година. По истекот на законскиот рок потврдените пријави и пријавите кои ниту биле потврдени, ниту коригирани ќе се сметаат за конечни и ќе добијат таков статус, додека по коригираните даночни пријави ќе се одлучува во рок од 60 дена. Доколку службеното лице не ја одобри коригираната даночна пријава ќе се донесе решение за утврдување на данокот на личен доход за 2022 година.

