На Германија ќе и недостигаат пет милиони работници до 2060 година, покажа студијата на Институтот за истражување на трудот (ИАБ). „Студијата покажува дека работодавачите ќе имаат многу помалку работници на располагање во годините што доаѓаат“, рече Енцо Вебер од ИАБ, институт кој работи како дел од Федералната агенција за вработување во Нирнберг.
До 2060 година бројот на работници на пазарот на труд ќе се намали за дури 11,7 отсто, од сегашните 45,7 на 40,4 милиони. Во исто време, проценките го земаат предвид растечкиот процент на постари граѓани и жени кои влегуваат на пазарот на трудот, како и мерките што треба да ја поттикнат имиграцијата на работна сила.
„Ако сакаме да направиме нешто против тој тренд, тогаш мора дополнително да ги забрзаме мерките како што се интеграцијата на старите и жените на пазарот на трудот, како и имиграцијата“, рече Вебер. Тој додаде дека во иднина ќе биде неопходно да се потпреме на работници надвор од ЕУ при имигрирање на работната сила, која во моментов првенствено доаѓа од другите земји на ЕУ.
Во моментов, новиот закон на коалициската влада, кој треба да ја олесни имиграцијата од земјите кои не се членки на ЕУ, минува низ собраниска процедура. Сепак, според мислењето на економистите од ИАБ, тоа нема да биде доволно.
„Мора да го зголемиме наталитетот, а за тоа мора да создадеме социјални услови кои ќе ја олеснат хармонијата меѓу семејниот и работниот живот. Ова вклучува фактори како што се флексибилно работно време како и обезбедување доволен број места во градинките“, заклучи Вебер.