Британскиот официјален форум на монетарни и финансиски институции ‒ ОМФИФ, годинава ја рангира Народната банка како прва во светот меѓу централните банки и финансиските институции според застапеноста на жените на раководни позиции. Ова е дел од објавата посветена на Индексот на родова еднаквост во финансиските институции за 2022 година, со кој веќе десет години по ред се рангираат финансиските институции според родовата застапеност.
Во објавата за застапеноста на жените во раководните структури на Народната банка се истакнува дека 70% од раководните позиции во Народната банка ги извршуваат жени. Инаку, на листата на централни банки на ОМФИФ со најголема застапеност на жените на раководни позиции се најдоа и федералните резерви на Сан Франциско, Чикаго, Минеаполис и Кливленд, централните банки на Австралија и Норвешка, а од регионот и Србија. Во извештајот се наведува дека во светот само 22 жени се на чело на централните банки (за една повеќе во однос на претходната година) и оваа состојба е практично непроменета во однос на 2013 година кога за првпат беше поставен овој индекс, што говори за многу бавни промени на ова поле во светот на финансиите.

