26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБДП-то на еврозоната покажува благ пораст, Германија стагнира

БДП-то на еврозоната покажува благ пораст, Германија стагнира

Економијата на еврозоната порасна за мали 0,1 отсто во првиот квартал од 2023-ра година, во споредба со претходните три месеци, покажаа прелиминарните податоци објавени од Евростат во петокот. Зголемувањето беше помало од 0,2 отсто што го очекуваа аналитичарите анкетирани од „Reuters“. Во ЕУ, БДП-то се зголеми за 0,3%.

На годишна основа во првите три месеци од 2023-та година, сезонски прилагодениот БДП се зголеми за 1,3% и во еврозоната и во ЕУ, по растот од 1,8% во еврозоната и 1,7% во цела ЕУ во последниот квартал во 2022-ра година.

„Не очекуваме растот значително да се засили во 2023-ра година“, рече економистот на „Oxford Economics“, Рори Фенеси, цитиран од „Politico“. Солидниот почеток на 2023-та година за индустријата веројатно ќе биде краткотраен, рече тој, додека повисоката инфлација и затегнувањето на финансиските услови ќе го повлечат растот во оваа година.

Претходно овој месец, Евростат ја ревидираше својата проценка за БДП-то на еврозоната за четвртиот квартал од 2022-ра година од 0,1% квартален раст на без раст, по растот од 0,4% во третиот квартал од 2022-ра година, забележа „CNBC“.

Слабите податоци за растот дојдоа во услови на постојано висока инфлација, при што Карстен Брзески, шеф на макрото во холандската банка „ING“, рече дека падот на големопродажните цени на енергијата, потопло од очекуваното време и фискалниот стимул му помогнале на блокот да ја избегне рецесијата за која нашироко се стравуваше на зима.

Сепак, Брзески забележува дека постојат значителни разлики меѓу земјите и дека идниот раст ќе биде под влијание на тековната трка меѓу позитивниот индустриски моментум и растот на платите од една страна, и заострувањето на монетарната политика од страна на Европската централна банка и ризиците од рецесија во САД, од друга.

Европските економии се разликуваат по перформансите за првиот квартал

Меѓу земјите-членки за кои се достапни податоци за првиот квартал од 2023-та година, Португалија забележа најголем пораст во споредба со претходниот квартал (+1,6%), а потоа следат Шпанија, Италија и Латвија (сите +0,5%). Намалување е забележано во Ирска (-2,7%) и Австрија (-0,3%).

Годишните стапки на раст беа позитивни за сите земји, освен Германија, каде што имаше контракција од 0,1%. Експертите анкетирани од „Reuters“ очекуваа германската економија да порасне за 0,2 отсто во тој период.

Економистите на „Deutsche Bank“ рекоа дека Германија за малку избегнала техничка рецесија и ги повториле очекувањата за раст на БДП-то од 0% во оваа година, бидејќи економијата е забавена од високата инфлација, зголемените каматни стапки и очекуваната рецесија во втората половина од годината во САД, според до „CNBC“.

Податоците за БДП-то ќе бидат внимателно следени пред состанокот на ЕЦБ на 4-ти мај.

Членките на ЕЦБ веќе рекоа дека треба да продолжат да ги зголемуваат каматните стапки, имајќи предвид зголемување од 25 базични поени или дури 50, во обид да се справат со вкупната инфлација од 6,9% и базичната инфлација на рекордно високо ниво од 5,7%.

ЕЦБ ги зголеми трите клучни каматни стапки за 50 базични поени во март, при што основната стапка достигна 3%.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП