2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПритисокот на Г-7 за забрана на руските дијаманти добива на интензитет

Притисокот на Г-7 за забрана на руските дијаманти добива на интензитет

Земјите од Г-7 продолжуваат со плановите да договорат забрана за продажба на руски дијаманти кога лидерите на групата ќе се состанат на самитот на 19-ти мај, во услови на растечки надежи дека новата технологија ќе им овозможи на властите да го следат потеклото на скапоцените камења, пренесува „Politico“.

Европската унија во моментов не воведува санкции за дијамантите од Русија, кои играат улога во финансирањето на војната на Владимир Путин во Украина, поради загриженоста дека ембарго ќе го погоди белгискиот град Антверпен, голем меѓународен центар за трговија со дијаманти.

Наместо тоа, владите на Г-7 подготвуваат меѓународна забрана за продажба на скапоцените камења, коментира „Politico“. Една од главните цели на овој координиран притисок е да се спречи заобиколувањето на санкциите, на пример со увоз на руски дијаманти кои прво биле обработени и повторно етикетирани на друго место во светот.

„Ако сакате вистинско изводливо решение за отстранување на руските дијаманти од пазарот, потребно ви е нешто што може да го одреди потеклото на каменот“, изјави Том Нес, портпарол на Светскиот центар за дијаманти во Антверпен.

Швајцарската компанија „Spacecode“ тврди дека веќе развила нов уред кој може да идентификува од кој регион на светот доаѓаат различните дијаманти.

„Spacecode“ е веќе добро познат по својата работа за следење во глобалната индустрија за дијаманти. Паралелно, компанијата го прави следниот чекор – утврдување на „дијамантската ДНК“, бидејќи клучното за индустријата е да се знае точното потекло на дијамантите, рече Павло Протопапа, претседател и извршен директор на „Spacecode“.

Според него, „Spacecode“ веќе има технологија за следење на потеклото на дијамантите, што го препознава нивниот хемиски состав и оптички својства.

„Со разбирање на овие уникатни карактеристики, уредот на „Spacecode“ веднаш ќе го одреди потеклото на каменот, дури и ако претходно не бил снимен во синџирот на снабдување“, додава Протопапа.

Претставник на европската влада, цитиран од „Politico“, вели дека технологијата е „револуционерна“ и може да биде клучна за практичното спроведување на претстојната одлука на Г-7.

„Самата „Spacecode“ нема политичка определба. Едноставно кажуваме кое е потеклото на дијамантот. Дали ќе биде прифатено од друга земја или не, не зависи од нас“, вели Протопапа.

Сето ова не значи дека намерата на Г-7 лесно ќе се спроведе. Поддржувачите на Украина сакаат што поскоро да воведат забрана за руските дијаманти, но еден од предизвиците е кога ќе бидат пуштени уредите „Spacecode“.

Според „Politico“, тоа нема да се случи до крајот на оваа година, па дури и до првиот квартал од 2024-та година. Компанијата сè уште има за цел да ги продава своите производи на масовниот пазар до крајот на 2024-та година.

За Протопапа ова не би требало да биде голем проблем, бидејќи на индустријата и онака и треба време да се прилагоди на таквата промена. Сепак, тој вели дека процесот може да се забрза доколку е потребно.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП