Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во петокот ја повика Европската централна банка (ЕЦБ) да ги зголемува каматните стапки до средината на 2024 година, како дел од напорите за ограничување на високата инфлација во Европската унија.
ММФ ги повика и министрите за финансии на земјите од ЕУ да спроведат строга фискална политика, пренесува Танјуг.
Алфред Камер, шеф на европскиот оддел на ММФ, е најмногу загрижен за инфлацијата, која е „данок на сиромаштијата“.
„Нашата главна препорака е да се ограничи инфлацијата, што значи дека мораме да користиме инструменти на монетарната политика. ЕЦБ треба долго време да спроведува строга политика, проценуваме до средината на 2024 година, за да ја спушти инфлацијата до посакуваните два проценти во 2025 година“, рече Камер.
Во март 2023 година, инфлацијата во 20-те земји од ЕУ кои го користат еврото изнесува 6,9 отсто во споредба со истиот месец минатата година.
Базичната инфлација беше уште поголема и изнесуваше 7,5 отсто.
ЕЦБ драстично ги зголеми каматните стапки од нула на 3,5 отсто од средината на 2022 година до март 2023 година, но малкумина очекуваа оваа политика да продолжи и по 2023 година.
Министрите за финансии на земјите од ЕУ треба да ги поддржат напорите на ЕЦБ со спроведување построга фискална политика, додаде Камер.
Земјите од ЕУ не успеаја значително да ги намалат буџетските дефицити бидејќи ја проширија финансиската поддршка на граѓаните поради високите цени на енергијата.
ЕЦБ сугерира дека сега, кога цените на енергијата се пониски, владите треба да престанат да ги поддржуваат граѓаните на овој начин или барем подобро да ја насочат помошта.