12 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРаботодавачите во ЕУ плаќаат по 30,5 евра во просек, највисоко во Луксембург

Работодавачите во ЕУ плаќаат по 30,5 евра во просек, највисоко во Луксембург

Работодавачите во индустријата и услужните дејности во Европската унија во 2022 година плаќале во просек по 30,50 евра за час работа, а најскапите трошоци за час работа биле во Луксембург по 50,90 евра.

Германскиот сојузен завод за статистика Дестатис денеска објави дека Германија со просечна цена на час од 39,50 евра е на седмото место меѓу 27-те членки на ЕУ. На тоа место е од 2019 година.

Просекот во 20-те земји-членки на ЕУ кои го користат еврото како заедничка валута беше 34,30 евра за час.

Најважни компоненти на саатницата се бруто платата на вработените, дневниците и регресот за годишен одмор, но и дополнителните даноци и социјални придонеси кои работодавачот ги плаќа на државата, како и неговите трошоци за стручно оспособување, образование на работниците и за слични цели.

Веднаш зад Луксембург според трошоците за работна сила на час е Данска, со 46,80 евра, а по неа е Белгија со 43,50. Пред Германија се Франција, Холандија и Шведска, со нешто повисока цена на час работа, а веднаш зад неа е Австрија со 39 евра.

Последна е Бугарија, каде работодавците во 2022 година плаќале во просек по 8,20 евра за час работа. Пред Бугарија се Романија (9,50), Унгарија (10,70) и Хрватска (12,10 евра). Најблиску до европскиот просек е Италија со 29,40 евра.

Дестатис наведува дека германската саатница во 2022 година била за околу 30 отсто повисока од просекот на ЕУ и дека овој сооднос останал релативно непроменет во однос на 2021 година. Истовремено, Германија беше на четврто место во Европа по цена на час работа во индустријата за 44 евра и 44 отсто поскапа од европскиот просек.

Цената на еден работен час се добива кога трошоците за производство во една година ќе се поделат со вкупниот број на работни часови.

Според податоците на Заводот за статистика, цената на работната сила на час во изминатите десет години во ЕУ се зголемила во просек за 25 отсто, или 6,10 евра, но овој раст е многу различен кај земјите-членки. Со оглед на ниската почетна основа, најголем процентуален раст имало во земјите од Источна и Југоисточна Европа. Така, од 2012 година, во Бугарија е плус 141,2 отсто, во Романија 131,7 отсто, во Литванија 122,0 отсто и во Летонија 103,3 отсто.

Во апсолутна смисла, во тој период најмногу се зголемиле трошоците за еден час работа во Луксембург – 15,40 евра. Во Шведска растот е 2,80 евра или 7,5 отсто, а во Италија 1,70 евра или 6,1 отсто. Во Германија, трошоците за работна сила по час се зголемени за 9,00 евра од 2012 година, значително повеќе од европскиот просек.

Единствена земја каде што цената на работа на час е намалена е Грција, за 1,20 евра (7,6 отсто) во однос на 2012 година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП