Глобалните корпорации прогнозираат дека трендот на пораст на цените ќе продолжи и во 2023 година.
Според извештаите на ФАО, светските цени на храната паѓаат веќе една година, но во пракса тоа не може да се заклучи од цените во продавниците во Македонија и Европа.
Паралелно се намалуваат и цените на горивата, на глобално ниво се очекува дополнително да паднат, но економистите посочуваат дека сето тоа нема премногу да се одрази на инфлацијата, односно на цената на прехранбените производи кои пораснаа драстично во последниот период, пишува порталот „Пословни“ и го пренесува мислењето на експертите дека поскапувањето, пред се на храната, може да се запре само со една работа, а тоа е намалената побарувачка. Сè додека купувачите се согласуваат со сегашните услови, цените ќе растат.
Како што се наведува, цените на храната што ги имаме сега се последица на она што се случи пред три до шест месеци бидејќи „економијата не е ништо друго освен очекување“. Цените на храната пораснаа бидејќи очекувањата беа дека ќе поскапат и енергетските производи. Но, цените на суровините, пред се житарките и суровините за млечната индустрија веќе подолг период стагнираат или паѓаат.
Што ќе се случува понатаму е многу тешко да се прогнозира бидејќи цената на прехранбените артикли, се посочува, зависи од многу фактори во синџирот на снабдување, а покрај производителите има и добавувачи и трговци… Покрај шпекулативното зголемување на цените, на оваа состојба влијае и неселективното зголемување на платите што се случува насекаде и придонесува за раст на побарувачката, што ги одржува цените во продавниците на ова високо ниво.
И ставот на големите корпорации е дека цените на храната ќе продолжат да растат оваа година. Како што објави „Евроактив“ на крајот на февруари, на овој тренд предупредија неколку мултинационални компании кои се занимаваат со производство и трговија со храна.
-Овој тренд нема да запре ниту во 2023 година – најавија од компанијата „Нестле“, која смета дека цената на основните прехранбени производи годинава дополнително ќе се зголеми. Се вели дека компанијата ги зголемила цените за 8,2 отсто во 2022 година, но подвлече дека тоа не е доволно за да се балансира растот на трошоците, што го загрозува профитот.
Претходно на ова предупредија „Унилевер“, „Кока-кола“, „Хајнекен“, „Колгејт-Палмолајв“, „Проктер и Гембл“, врз основа на постојано зголемените трошоци за енергија и работна сила, а поскапеа и трошоците за логистика.
Финансискиот директор на „Унилевер“ рече дека веројатно веќе го поминавме врвот на бранот на инфлација, но дека цените се уште не го достигнале максималното ниво.