Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски оствари средба со еден од основачите на меѓународната невладина организација Македонија 2025, Мајк Зафировски, претседател на Заф групацијата, и членовите на бордот Никица Мојсовска Блажевски, извршен директор на МК2025, Живко Мукаетов извршен директор и претседател на Управниот одбор во Алкалоид и Виктор Мизо, директор на Костал Македонија. Целта на средбата беше унапредување на соработка во делот на поттикнување и привлекување странски инвестиции во земјава и мобилизација на поддршката од етаблираните членови на организацијата во глобални бизнис рамки. На средбата се разговараше за конкретни можности за соработка и размена на искуствата во однос на инвестициските активности.
Деспотовски им се заблагодари за досегашниот придонес на Македонија 2025 за поддршката и промоцијата на земјата како инвестициска дестинација. Директорот на ТИРЗ, меѓу другото го презентираше и новиот концепт за поттикнување на инвестиции и можностите за странски инвеститори со фокус на напредни технологии. Тој нагласи дека предноста на Северна Македонија како мала земја е тоа што поблиску се фокусира на реалните потреби на инвеститорите и креира соодветна поддршка.


