„Преку квалитетното извршување на статистичката функција, Народната банка придонесува кон јакнење на процесот на донесување одлуки на економските чинители. Во согласност со меѓународните стандарди, Народната банка ги прибира, ги изготвува и ги објавува статистичките податоци, во доменот на своите надлежности, а постојано работи и на надградба во одделни статистички домени. За ова говори и членството во највисокиот статистички стандард за дисеминација на податоци на Меѓународниот монетарен фонд – СДДС плус, којшто го исполнуваат 30 земји во светот.“ Ова беше посочено на состанокот меѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот Фадил Бајрами со директорот на Одделот за статистика на ММФ, Алберт Крусе, одржан во рамките на Пролетните средби на ММФ и Светската банка во Вашингтон.
Како дел од процесот на усогласување со меѓународните статистички стандарди, вклучително и стандардот СДДС плус, Народната банка минатата година започна со објавување нов сет статистички податоци за показателот должнички хартии од вредност. Покрај ова, централната банка и натаму работи на развивањето на последниот показател СДДС плус што е во нејзина надлежност, кварталните финансиски сметки. Во тој контекст, покрај објавувањето на годишни состојби, во напредна фаза се подготовките за објавување и на кварталните податоци за финансиските сметки, состојби, со што ќе се овозможи достапност на пофреквентни информации за носителите на политиките и за согледување на движењата кај одделните сектори. Се очекува дека првите податоци за квартални финансиски сметки ќе се објават до крајот на оваа година.

