5 мај, 2024
ПочетнаТЕХНОЛОГИЈАНаучниците открија џиновско чудовиште кое движи низ вселената и создава ѕвезди

Научниците открија џиновско чудовиште кое движи низ вселената и создава ѕвезди

Тим американски научници откри необична светла трага на снимките на телескопот Хабл, која има едно најверојатно објаснување – се работи за голема црна дупка која се создала во вселената при судир на галаксии.

Според студијата, објавена во Astrophysical Journal Letters, тоа исфрлено чудовиште продолжило да патува низ облаците од гас, предизвикувајќи формирање на млади ѕвезди во нив, кои биле снимени како многу долга светла линија на сликите на познатиот телескоп.

Случајно, но вредно откритие

Како што истакнува НАСА, универзумот е толку каприциозен што дури и најмалите работи кои би можеле да останат незабележани може да имаат длабоки импликации. Токму тоа му се случи на астрономот од Јеил, Питер ван Докум, кога ги прегледа снимките од вселенскиот телескоп Хабл и забележа белег што изгледаше како гребнатинка на фотографскиот филм.

На сликите од електронската камера на Хабл, космичките зраци што минуваат по детекторот главно изгледаат како гребнатини. Но, откако Ван Докум и неговите колеги направиле спектроскопска анализа на чудната линија, сфатиле дека се работи за синџир од млади сини ѕвезди долг 200.000 светлосни години.

Како се поврзани патеката и галаксијата?

Врз основа на црвеното поместување во светлосните спектри на низата и галаксијата, тимот заклучи дека и двете се на приближно исто растојание од Земјата, што сугерира дека низата и галаксијата се поврзани.

Црвеното поместување, односно падот на фреквенцијата на зрачење на вселенското тело се јавува поради брзината со која се оддалечува од набљудувачот. Слично се случува и со сирената на воз која се оддалечува од нас – фреквенцијата на сирената станува помала.

Научниците истакнуваат дека супермасивните црни дупки во центарот на галаксиите можат да испуштаат млазови материјал на подеднакво големи растојанија, па дури и поголеми. Сепак, тие секогаш се шират додека се оддалечуваат од галаксијата. Во овој случај, низата остана постојано тенка по целата должина, што значи дека снимената патека не може да биде млаз на материјал.

Како црната дупка создава светла трага?

Тимот верува дека светлата трага се протега помеѓу оттргнатата црна дупка и галаксијата од која е исфрлена. Црната дупка веројатно компресира гас на својот пат, кој потоа се лади зад неа, кондензира и создава млади ѕвезди.

Научниците досега не забележале вакво нешто во вселената.

Оваа супермасивна црна дупка, тешка дури 20 милиони Сонца, остави зад себе невидена „трага“ од новородени ѕвезди долги дури 200.000 светлосни години, што е двојно повеќе од должината на Млечниот Пат. Ослободеното невидливо чудовиште се движи низ меѓугалактичкиот простор толку брзо што, ако беше во нашиот Сончев систем, ќе патуваше од Земјата до Месечината за само 14 минути.

Наместо да ги проголта ѕвездите пред себе, како космички Pac-Man, црната дупка удира во гасот пред себе и предизвикува формирање на нови ѕвезди. Работата е во тоа што се движи со преголема брзина за да може да ги проголта материјалите кои и се наоѓаат на пат, пишува Index.hr.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП