28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРусија ги зголеми очекувањата за економски раст

Русија ги зголеми очекувањата за економски раст

Руската влада ја зголеми својата економска прогноза за тековната финансиска година и покрај западните санкции.

„Руската економија активно се развива во рамките на новиот модел на раст“, ​​изјави вчера претседателот на земјата Владимир Путин за време на владиниот состанок.

Иако не даде конкретни бројки, министерот за економија Максим Решетников рече дека очекува руската економија да порасне за повеќе од 0,1-0,2 отсто во оваа година.

Официјалната прогноза досега беше за намалување на бруто домашниот производ за 0,8 отсто.

Шефот на руската држава објасни дека неговиот оптимизам се должи на зголемената продажба во малопродажниот сектор и поширокото користење на железничката мрежа во април, што според него укажува на заживување на економијата.

Путин изрази надеж дека цената на нафтата повторно ќе порасне во вториот квартал од годината, што ќе ја зголеми заработката од извозот на Русија.

Цената на суровата нафта неодамна значително се зголеми по најавата на ОПЕК + дека има намера да го намали производството од средината на мај.

Западните земји воведоа плафон за цената на руската сурова нафта и нафтени деривати за да го отежнат финансирањето на руската војна во Украина, но во исто време Кина и Индија значително го зголемија купувањето на црно злато од Русија.

Сепак, Москва заработи многу помалку од извозот на нафта во првиот квартал отколку во истиот период претходната година, што доведе до значителен буџетски дефицит.

Минатата недела прелиминарните податоци на Министерството за финансии покажаа дека буџетскиот дефицит на Русија во првите три месеци од годината достигна 2,4 трилиони рубли (над 29,15 милијарди долари).

Сепак, некои сектори сигнализираат проблеми, иако одбранбената индустрија работи со полн капацитет.

Пролетните прогнози на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) објавени вчера, исто така, предвидуваат дека рускиот БДП во оваа година ќе се зголеми за 0,7 отсто на годишна основа, додека експертите на фондот претходно очекуваа раст од 0,3 отсто. За 2024-та година, ММФ очекува руската економија да се прошири за 1,3 отсто, или 0,8 процентни поени помалку од претходната прогноза на ММФ.

Во меѓувреме, во денешниот говор пред Државната дума (долниот дом на рускиот парламент), гувернерката на руската централна банка (РЦБ) Елвира Набиулина рече дека минатата година од Русија се одлеале околу една милијарда долари. Таа ја дефинира оваа сума како релативно голема, пренесе ТАСС.

Набиулина истакна дека некои го мешаат салдото на финансиската сметка, која на крајот на минатата година изнесуваше 227 милијарди долари, со одливот на капитал.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП