Потрошувачката инфлација во САД се намали на годишно ниво во март, при што пониските цени на енергијата и храната донесе одредено олеснување за домаќинствата кои се борат под товарот на раст на цените речиси две години по ред.
Американската влада во средата соопшти дека потрошувачките цени се зголемиле за само 0,1 отсто од февруари до март, во споредба со 0,4 отсто од јануари до февруари, пренесува Ројтерс.
Мерено во однос на една година претходно, цените се зголемија за пет отсто во март, што претставува забавување од февруарските шест отсто и најмал пораст во речиси две години.
Голем дел од тој пад е резултат на падот на цените на стоките како што се бензинот, користените автомобили и мебелот, кои нагло се зголемија пред една година откако руските воени сили ја нападнаа Украина.
Сепак, со исклучок на нестабилните трошоци за храна и енергија, таканаречената основна инфлација останува тврдоглаво висока. Основните цени се зголемија за 0,4 отсто од февруари до март и 5,6 отсто во однос на претходната година. Банката на федерални резерви и многу макроекономисти ги сметаат основните цени за подобра мерка за базичната инфлација, пишува АП.
Зголемените цени во огромниот сектор на услуги – од кирии за станови и оброци во ресторани до шишање и осигурување на автомобили – ја одржуваат основната инфлација висока, барем засега. Тој тренд се очекува да го натера ФЕД да ја зголеми референтната каматна стапка 10-ти пат по ред на состанокот во мај.