30 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнгеловска-Бежоска на Пролетните средби во Вашингтон: Гувернерите на централните банки и министрите...

Ангеловска-Бежоска на Пролетните средби во Вашингтон: Гувернерите на централните банки и министрите за финансии ќе разговараат за светската економија

Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и министерот за финансии, Фатмир Бесими, ја предводат делегацијата од нашата земја којашто учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД. Во делегацијата на Народната банка на овие средби ќе земе учество и вицегувернерот Фадил Бајрами.

Предвидено е делегацијата да оствари средби со високи претставници на ММФ, СБ и Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ), како и со претставници на други меѓународни финансиски организации и институции.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот Бајрами на претстојните Пролетни средби ќе одржат одделни состаноци со заменик-директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, како и со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, и со извршниот директор на ММФ, Пол Хиберс. На состаноците со високите претставници на ММФ ќе стане збор за економските состојби во нашата земја и за одлуките на монетарната политика којашто придонесува за постепено стабилизирање на инфлацијата.

Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерката, ќе оствари средба и со претставниците на одделите за статистика и за монетарни и капитални пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на која ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.

Во рамките на Пролетните средби, Ангеловска-Бежоска ќе одржи состаноци и со високи претставници на Светската банка, заменик-претседателката на СБ, Антонела Басани и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Коен Давидсе. Исто така, делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата, каде што ќе се разговара за предизвиците со кои се соочуваат членките во контекст на тековните глобални финансиски и геополитички движења.

Одржувањето на Пролетните средби секоја година на едно место ги собира носителите на политиките, односно првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки,  кои ќе разговараат за економската криза предизвикана од пандемијата, ценовната криза, последиците од војната во Украина и за политиките како одговор на овие предизвици за да се постигне раст, еднаквост и напредок.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП