7 мај, 2024
ПочетнаСВЕТПет прашања за воените вежби на Кина над Тајван

Пет прашања за воените вежби на Кина над Тајван

Кина започна тридневни воени маневри околу Тајван во саботата за да ги заплаши тамошните власти, веднаш по средбата меѓу претседателот на островот и висок американски функционер кој го налути Пекинг. Со цел да се разјаснат околностите на оваа операција, која Кина ја нарече „Joint Sword“, францускиот магазин L’Obs ги поставува следните пет прашања:

Што се случува околу Тајван?

Портпаролот на кинеската војска Ши Ји предупреди дека Кина распоредила бродови, борбени авиони и проектили во сите области околу Тајван за да испрати сериозно предупредување до секој што бара независност на островот.

Маневрите вклучуваат патролирање и „симулирање на заеднички прецизни удари врз клучни цели“ во обид да се „создаде целосно одвраќање и опкружување“ на Тајван, според кинеската државна телевизија CCTV.

За операцијата беа мобилизирани десетици борбени авиони J-18 и J-10C, заедно со авиони против подморници. Кинескиот весник „Глобал тајмс“ објави дека Пекинг исто така распоредил системи за лансирање на ракети PHL-191 и противбродски ракети на копно YJ-12B.

Зошто Кина се впушти во таква демонстрација на сила?

Од крајот на кинеската граѓанска војна во 1949 година, Кина го смета Тајван (кој има 23 милиони жители) за отпадничка провинција која сè уште не успеала да ја обедини со остатокот од својата територија.

Пекинг се противи на каков било официјален контакт меѓу Тајпеј и странските влади во согласност со принципот „една Кина“. Тоа вклучува средба во Калифорнија во средата меѓу тајванскиот лидер Цаи Инг-вен и претседателот на Претставничкиот дом Кевин Мекарти, по што Пекинг вети дека ќе одговори со „цврсти и силни“ мерки.

Ја Јан Чунг, вонреден професор по политички науки на Националниот универзитет во Сингапур, изјави за АФП дека воените маневри на Кина се дел од пошироката кампања за „притисок на Тајван“. Тој верува дека овие состаноци на „високо ниво“ му дозволуваат на Пекинг да ги „обвини Тајпеј, Вашингтон или и двете“.

Зошто Кина избра овој викенд да започне воени вежби?

Кина чекаше Цаи Инг-вен да се врати во Тајван за да ги започне воените вежби „Joint Sword“.

Џејмс Чар, кинески воен експерт од технолошкиот универзитет Нанјанг во Сингапур, истакна дека Пекинг го чекаше крајот на државната посета на францускиот претседател Емануел Макрон за да започне воени вежби. Тој смета дека Кина се обидува да ги „загрее“ односите со Европа, но воена операција против Тајван „ќе му наштети на тоа дипломатско отворање“.

Кои други мерки ги презеде Пекинг?

Како одговор на посетата на Цаи Инг-вен, Пекинг објави дека ќе и забрани на де факто амбасадорката на Тајпеј во САД, Хсијао Би-Ким, да влезе во Кина и ја обвини за „намерно поттикнување конфронтација“ во тајванскиот теснец.

Истражувачкиот центар на Институтот Хадсон, со седиште во Вашингтон, како и Претседателската библиотека Роналд Реган, беа лишени од нивните права да работат со кинески ентитети.

Кои се разликите во споредба со претходните ескалации на тензијата?

Овие вежби потсетуваат на она што беше преземено во август 2022 година како одговор на пристигнувањето на островот на тогашната демократска претседателка на Претставничкиот дом на Конгресот на САД, Ненси Пелоси, која беше наследена од Мекарти.

Пекинг спроведе целна вежба на десетици километри од брегот на Тајван, за време на слична еднонеделна кампања за опкружување на островот. Кинеските власти го суспендираа и увозот на овошје и риба од островот.

Овој пат, Кина најави вежби за гаѓање во близина на брегот на Фуџијан (источно), провинција свртена кон Тајван.

Сепак, се чини дека „Joint Sword“ не е на исто ниво со она што го видовме за време на посетата на Ненси Пелоси“, вели Маној Кевалрамани, експерт за Кина од Институтот Такшашила во Бангалор. Тој ова го припишува на посебната симболика на посетата на поранешниот американски функционер на Тајван, кој Пекинг го смета за дел од својата територија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП