„Народната банка постојано вложува ресурси во јакнењето на сопствениот капацитет, но што е уште поважно и во капацитетот на банките за стрес-тестирање. Toa e една од главните алатки за утврдување и управување со ризиците и ранливостите во профилот на ризик или деловниот модел на банките. Тие не се само една вежба којашто треба да ја вршат банките заради исполнување на обврските пропишани од регулативата или супервизорите. Банките треба да спроведуваат низа различни стрес-тестирања, покривајќи низа различни сценарија, земајќи ги предвид врските меѓу одделните ризици и условите на пазарот. Најважно е банките потоа да ги искористат резултатите од стрес-тестирањето.“ Ова го истакна Викторија Глигорова, генералната директорка на Секторот за супервизија во Народната банка, во интервју дадено за електронскиот билтен на Македонската банкарска асоцијација.
Говорејќи за потребата од редовно вршење стрес-тестирање од страна на банките коешто супервизорите го користат како една од алатките за оцена на отпорноста на банките на различни шокови, Глигорова се осврна на Базелските принципи за ефикасна банкарска супервизија, нагласувајќи дека „со нив се укажува дека е потребно стрес-тестирањето да биде составен дел од целокупната култура на управување, вклучително и управувањето со ризиците во банките, а резултатите од стрес-тестирањето треба да влијаат врз донесувањето одлуки, вклучително и врз стратегиските деловни одлуки на највисоко ниво.“

