Цените на златото се уште се високи, а благородниот метал оваа недела повторно ја премина границата од 2.000 долари за унца (во петокот вредноста на златото за унца беше 2.021 долар). Златото инаку не се смета за особено профитабилно, туку за многу сигурна инвестиција и заштита од инфлација во несигурни времиња, а сегашните услови во САД се особено поволни за него.
Од една страна, пазарите очекуваат американската централна банка (ФЕД) помалку агресивно да ги зголемува каматните стапки поради стравувањата од рецесија или на крајот да почне да ги намалува, што создава услови кога побарувачката за злато вообичаено расте. Од друга страна, олеснувањето на каматните стапки од страна на ФЕД може повторно да ја поттикне инфлацијата, што уште еднаш ќе ја зголеми привлечноста за инвестирање во злато. Пазарите очигледно ги вклучија сите овие идни ризици во поголема побарувачка, а со тоа и повисоки цени на благородниот метал. Одлуката на ОПЕК да ја намали количината на испумпана нафта придонесе за растот на цената на златото оваа недела.

