25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАММФ и одобри на Украина заем од 15,6 милијарди долари

ММФ и одобри на Украина заем од 15,6 милијарди долари

Извршниот одбор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) одобри четиригодишен финансиски пакет за Украина во износ од 15,6 милијарди долари како дел од меѓународниот пакет за поддршка во вкупна вредност од 115 милијарди долари, во втората година на руската инвазија.

Одлуката се очекува да мобилизира големо концесиско финансирање од меѓународните донатори и партнери на Украина за да помогне во решавањето на проблемот со платниот биланс на Украина, да се постигне среднорочна надворешна одржливост и да се врати одржливоста на долгот, се вели во соопштението на ММФ.

Новиот „Extended Fund Facility“ (EFF) ќе овозможи итна исплата на околу 2,7 милијарди долари на Украина, се додава.

Така, Бордот на ММФ го ратификуваше договорот постигнат на 21 март по неколкумесечни преговори меѓу претставниците на ММФ и украинските власти.

EFF е првата голема финансиска програма одобрена од ММФ за земја погодена од војна од големи размери. Претходната програма на ММФ за Украина од пет милијарди долари истече минатата година.

„Економското и социјалното влијание на руската инвазија на Украина е поразително“, рече првиот заменик директор Гита Гопинат.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на Твитер ја поздрави одлуката на ММФ.

„Тоа е голема помош во нашата борба против руската агресија. Заедно ќе ја поддржиме украинската економија. Одиме кон победа“, напиша тој.

Финансискиот пакет од 115 милијарди долари вклучува заем од ММФ, 80 милијарди долари помош и заеми од други земји и простување на долгови до 20 милијарди долари.

ММФ очекува реалниот БДП на Украина да се движи помеѓу -3 и +1 отсто во 2023 година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП