16 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПутин: Санкциите можат да имаат негативни последици за руската економија

Путин: Санкциите можат да имаат негативни последици за руската економија

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека меѓународните санкции против Москва поради нејзината офанзива во Украина „може да имаат негативни последици врз руската економија на среден рок“, иако во последните месеци се фалеше како руската економија се прилагодила на санкциите.

„Санкциите наметнати на руската економија можат навистина да имаат негативен ефект врз неа“, предупреди рускиот претседател за време на телевизиската средба со владата, пренесува Бета.

Ова е првпат Путин јавно да признае дека низата меѓународни санкции кои влијаат на многу сектори на руската економија – вклучувајќи го и стратешкиот нафтен сектор – влијаат на нејзината економија.

Путин рече дека сега, нешто повеќе од една година по почетокот на руската офанзива во Украина, невработеноста е на ново ниско ниво од 3,6 отсто и дека на крајот на март инфлацијата ќе падне под четири отсто, по скокот од 20 отсто на цените во пролетта минатата година.

Но, тоа не значи дека сите проблеми се веќе решени“, им порача тој на членовите на Владата.

„Фактот дека се враќаме на патот на растот не значи дека треба да се опуштиме“, рече рускиот претседател и повика да се „гарантира економскиот суверенитет“ на Русија.

Тој ги повика владата и раководителите на економските сектори да обезбедат брзо започнување на нови проекти во преработувачката индустрија, особено високотехнолошките производи, што е сектор погоден од заминувањето на експерти во странство.

„Нашиот финансиски систем треба да игра важна улога за да одговори на потребите на нашите извозници. И ние треба да ги замениме западните компании кои работеа во тој сектор“, рече Путин.

Рускиот лидер ја даде оваа изјава една недела по средбата со неговиот кинески колега Си Џинпинг во Москва, кога двајцата лидери изјавија дека сакаат да ги „продлабочат“ руско-кинеските односи.

Сепак, набљудувачите во ова ја гледаат зголемената зависност на Русија од Пекинг, чија економија во голема мера го презеде рускиот извоз на гас и нафта, погодени од западните санкции.

Иако овие нови пазари и дозволија на Русија делумно да ги компензира загубените пазари во Европа, зависноста на Русија од големите азиски земји им овозможува на Кина и Индија да бидат во силна позиција да преговараат за пониски цени.

Да потсетиме, Путин во говорот во Парламентот на крајот на февруари ги повика руските олигарси да ги вратат своите пари во Русија за да ја поддржат нејзината економија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП