Украина ќе добие финансирање во износ од 11,6 милијарди специјални права на влечење, или околу 15,6 милијарди долари, од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) како дел од поширокиот пакет за поддршка на финансиската стабилност, економското закрепнување и европските перспективи.
За прв пат во својата 77-годишна историја, финансиската институција одобрила заем на земја во војна, пренесува „Bloomberg“.
Досега ММФ обезбедуваше средства за земјата преку инструменти за итна помош. Киев ги започна преговорите за целосна кредитна програма во јуни 2022-ра година.
Економската програма за Украина е за период од четири години, додаваат од ММФ и мора да биде одобрена од бордот на институцијата. Се очекува тоа да се случи во наредните недели. Условите за него беа договорени во периодот од 8-ми до 15-ти март на билатерални средби со претставници на фондот и претставници на украинската држава во Варшава, се вели во соопштението на институцијата.
Војната што ја започна Русија доведе до пад на украинската економија за 30% во 2022-ра година, коментира шефот на мисијата на ММФ за Украина, Гевин Греј. Руската инвазија го зголеми нивото на сиромаштија и земјата се соочи со акутни макроекономски предизвици во услови на зголемен фискален дефицит.
Сепак, Киев успева да ја одржи финансиската стабилност благодарение на надворешната поддршка и вештата политика, коментираат и претставниците на фондот.
ММФ очекува економската стабилизација да започне во наредните квартали, поддржана од обновувањето на критичната инфраструктура, иако остануваат заканите за ескалација на конфликтот. Наспроти ова, прогнозата на институцијата за украинската економија е за движење во опсег од -3% до 1% во 2023-та година.
Директорката на ММФ Кристалина Георгиева беше во Украина и разговараше со претседателот Володимир Зеленски на крајот на февруари. Потоа таа истакна дека сите институции во земјава работат и покрај севкупната војна.
„Многу сум импресионирана од фактот што земјата и владата работат многу добро во овие вонредни услови на инвазија“, коментираше Георгиева, цитирана од прес-центарот на Канцеларијата на украинскиот претседател.
Таа го истакна и брзото обновување на социјалната инфраструктура и локалната власт во уништените населби во Украина.