20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБундесбанк очекува рецесија и забавување на инфлацијата во март

Бундесбанк очекува рецесија и забавување на инфлацијата во март

Бундесбанк (Централната банка на Германија) очекува рецесија во Германија поради постојано високата инфлација.

„Севкупно, германската економска активност веројатно повторно ќе се намали во тековниот квартал. Сепак, падот веројатно ќе биде помал отколку во последниот квартал од 2022 година“, предвидува германската централна банка во својот месечен извештај објавен во понеделникот.

Бруто домашниот производ падна за 0,4% во периодот од октомври до декември. Со два негативни квартали по ред, економистите зборуваат за „техничка рецесија“. Така, излегува дека Бундесбанката е попесимистичка од некои водечки економски институти, кои во своите пролетни прогнози предвидуваат раст за периодот јануари-март.

На пример, Институтот за светска економија во Кил (IfW) предвидува раст од 0,2%, а „IWH“ во Хале исто така очекува пораст. Според месечниот извештај, индустријата и градежништвото повторно силно го зголемиле своето производство во јануари. Сепак, извозот на стоки закрепна само делумно.

„Понатаму, секторите во економијата поврзани со потрошувачката сè уште страдаат од постојана висока инфлација и како резултат на воздржаност од страна на потрошувачите“, го оправда својот песимизам Бундесбанк.

Во малопродажниот сектор, на пример, продажбата остана на веќе ниското ниво од претходниот месец: „На почетокот на 2023-та година, германската економија тешко закрепнува од широкиот и силен пад од минатиот декември“.

Инфлацијата најверојатно ќе се намали

Бундесбанк очекува забавување на инфлацијата овој месец поради чисто статистички ефект.

„Во март, стапката на инфлација во Германија веројатно значително ќе се намали поради базниот ефект“, напиша централната банка.

Од почетокот на руската војна против Украина пред околу една година, цените на енергијата се зголемија и ја поттикнаа инфлацијата.

„Од март па наваму, напротив, зголеменото ниво на цените ја формира основата за пресметување на стапката на инфлација, што се рефлектира со пониска вкупна стапка“, објаснуваат од Бундесбанк.

Во февруари, потрошувачките цени во најголемата европска економија сѐ уште пораснаа за 8,7% во споредба со истиот месец минатата година. Според економистите, инфлацијата веќе се прошири и вклучува многу други производи освен енергија и храна. Основниот показател, без цените на енергијата и храната, најверојатно ќе остане висок, очекува и централната банка.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП