27 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИ„Роснефт“ произведе рекордни количини природен гас во 2022-ра

„Роснефт“ произведе рекордни количини природен гас во 2022-ра

Во 2022-ра година, рускиот нафтен гигант „Роснефт“ произведе рекордни 74,4 милијарди кубни метри природен гас, се вели во финансискиот извештај на компанијата подготвен според Меѓународните сметководствени стандарди. Ова е зголемување од 15% од 2021-ва година.

Само „Газпром“ има ексклузивно право да извезува гас преку гасоводи во Русија, но компаниите како „Роснефт“ или „Новатек“ можат да извезуваат течен гас од земјата. „Роснефт“ долго време се обидува да го скрши монополот на „Газпром“, а дури и рускиот претседател Владимир Путин нареди на крајот на 2021-ва година на компанијата да и се даде можност да извезува гас во обем до 10 милијарди кубни метри годишно од пролетта 2022-ра година.

Меѓутоа, војната во Украина ги блокираше овие планови.

„Роснефт“ во својот финансиски извештај известува и за раст на оперативната добивка (EBITDA) од 9,5% до 2,55 трилиони рубљи (33 милијарди долари). Производството на нафта се зголеми за 2,3% до 5,1 милиони барели еквивалент на нафта дневно. Во четвртиот квартал од 2022-ра година беше обновено и производството од „Сахалин 1“, потсетува компанијата.

Рекордни се и испораките на нафтени деривати на домашниот пазар – 42,1 милиони тони.

Инвестициската програма на „Роснефт“ беше во износ од 1,1 трилион рубли, забележува шефот на компанијата, близок до рускиот претседател Владимир Путин, Игор Сечин.

„Истовремено, треба да се истакне дека во последните три години 14 пати беа заострени даночните услови за активностите на нафтените компании, што секако создава ризик за реализација на нашата инвестициска програма“, додаде тој, цитиран од прес-центарот на Роснефт.

Во февруари, нафтената компанија изврши привремена исплата на дивиденди во вкупна вредност од повеќе од 216 милијарди рубли, што е 50% од нето добивката според Меѓународните сметководствени стандарди за првата половина на 2022 година. За цела минатата година, нето добивката на компанијата се зголеми за 3, 2% до 813 милијарди рубли.

Компанијата известува за негативните ефекти врз профитот од зголемените трошоци за транспорт на нафта и нафтени деривати преку железничкиот транспорт и нафтоводите, како и поскапувањето на струјата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП