24 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОЕЦД ги зголеми прогнозите за глобалниот раст за 2023 и 2024 година

ОЕЦД ги зголеми прогнозите за глобалниот раст за 2023 и 2024 година

Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) денеска ги зголеми прогнозите за светскиот економски раст, наведувајќи го забавувањето на инфлацијата и повторното отворање на Кина, но смета дека закрепнувањето се уште е неизвесно со оглед на големите потешкотии на некои банки.

Во новиот извештај, ОЕЦД предвидува дека светскиот економски раст ќе биде 2,6 отсто во 2023 година и 2,9 отсто во 2024 година.

Споредено со последните економски прогнози на ОЕЦД во ноември, стапката на светскиот економски раст е зголемена за 0,4 процентни поени за оваа година и за 0,2 процентни поени за следната година, пренесува Бета.

Организацијата објави нови податоци во екот на банкарската криза, оценувајќи дека зголемувањето на каматните стапки може да продолжи да открива финансиски слабости поради високото задолжување и прекумерното вреднување на некои средства, што неодамна покажа затворањето или спасувањето на одредени американски банки.

„Почнаа да се појавуваат знаци на влијанието на заострувањето на монетарната политика во некои делови од банкарскиот сектор, особено во регионалните американски банки“, се вели во извештајот на ОЕЦД, посочувајќи на колапсот на банката SVB во САД.

ОЕЦД во извештајот не ги спомна тешкотиите со кои се соочи минатата недела швајцарската банка Кредит Свис, банка многу поголема од американската, чиј банкрот може да претставува системски ризик за светската економија.

Како уште една потенцијална економска слабост се споменуваат цените на пазарот на недвижности кои почнаа да паѓаат во многу земји со можен „домино ефект“ и кај другите сектори. Сепак, и покрај овие ризици, ОЕЦД предвидува „постепено подобрување“ на општата економска ситуација во текот на 2023 и 2024 година со одредено ублажување на инфлацијата.

Глобалниот економски раст треба да биде поттикнат со целосното повторно отворање на Кина, чија економска активност се очекува да се зголеми во 2023 година.

Во земјите од Г20 од најголемите светски економии, кои претставуваат околу 85 отсто од светскиот БДП, се очекува забавување на растот на цените, па ОЕЦД предвидува дека инфлацијата во таа група ќе се намали од 8,1 отсто во 2022 година на 4,5 отсто во 2024 година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП