Акциските контроли на Зелениот пазар кои на барање на градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски веќе еден месец ги спроведуваат инспекциските служби во Општина Центар даваат резултати. Герасимовски јавува дека изречени се 90 прекршочни казни за нелегалните препродавачи, а пазарот е ослободен од узурпираните јавни површини и расфрлано ѓубре. Центарскиот градоначалник Герасимовски денеска им се придружи на комуналните инспектори и редари од општинскиот сектор за инспекциски работи и заедно со припадниците на МВР вршеа контроли во реонот на Зеленото пазарче.

„Инспекциските контроли на нелегалните препродавачи веќе даваат конкретни резултати. Ги нема веќе расфрланите отпадоци, ослободени се јавните површини и граѓаните можат слободно да се движат и да си ги завршуваат секојдневните обврски. Жителите од нас бараат да се справиме со препродавачите, тоа го дискутиравме и на средбите со граѓани, го дискутиравме и со раководството на ‘Скопски пазар’ и мислам дека сме на добар пат кон конечно решение. Акциите ќе продолжат и во наредниот период, сѐ до конечно менување на навиките на препродавачите“, изјави Герасимовски.




