29 март, 2024
ПочетнаЛУКСУЗ И ПАТУВАЊЕМаврово на снежници – нов, алтернативен и еколошки начин на планинарење во...

Маврово на снежници – нов, алтернативен и еколошки начин на планинарење во зимски услови

Деновиве во Маврово, пред група туристи, травел блогери, тур оператори и локални угостители беше промовирана новата туристичка понуда на Маврово365 наречена “Маврово на снежници“.

Оваа алтернативна туристичка понуда им овозможува на посетителите на Националниот парк Маврово да ја искусат убавината на природата во текот на зимската сезона на иновативен начин, со помош на додатоци за чевли – снежници.

Снежниците се додатоци за зимски чевли што ви овозможуваат брзо и лесно да се движите во снежни услови, не пропаѓајќи во снегот.

Потеклото и историјата на снежниците (уште наречени и дрезги и крпљи) не е прецизно познато, иако историчарите веруваат дека тие биле измислени од пред 4.000 до 6.000 години, веројатно некаде Централна Азија или кај домородните луѓе во Северна Америка. Овој генијален изум, историски погледнато, им овозможил на луѓето да се движат лесно во снежни зимски услови, да ловат, да патуваат и да тргуваат.

Денес, планинарењето со снежници е популарна активност во Скандинавија и Западна Европа, додека кај нас, иако некогаш одамна локалното население изработувало и практикувало снежници, овој тип на навигација во снежни услови е одамна напуштен.

Неодамна, Маврово365 започна да ја развива оваа алтернативна, туристичка понуда во Маврово и може да се каже дека планинарење со снежници станува популарна рекреативна активност на отворено за луѓе од сите возрасти и фитнес нивоа.

Оваа зима, иако со слаби врнежи, Mavrovo365 Adventure ја најави оваа нова акитвност во својата понуда и реализираше неколку возбудливи тури со странски и домашни туристи. Планинарењето со снежници е совршена активност за оние кои сакаат да ја истражуваат планината во зимски услови, да уживаат во прекрасните пејзажи и истовремено да практикуваат здрава спортска активност.

 “Возбудени сме што сме првите кои ја нудиме оваа зимска активност на посетителите на Националниот парк Маврово. Планинарењето со снежници е голем хит во светот и се повеќе луѓе ја практикуваат оваа активност затоа што се потпира на принципот ‘leave no trace’ – што значи вашето движење низ недопрената природа да не остава трага. Планинарењето со снежници е целосно еколошка форма на туризам. Ние се надеваме и веруваме дека со воведување на посетителите во одржливи туристички практики, сите заедно ќе помогнеме да се создаде поодржлива иднина за регионот“ – велат Соња и Владица од Маврово365.

Дополнително, планинарењето со снежници може да биде и многу авантуристичка активност, доколку групата е подготвена за скијање или сноубординг во ‘free ride’ услови, а учесниците не поседуваат туринг опрема. Снежниците овозможуваат брзо и лесно да освоите стрмна падина.

Маврово365 Adventure е организација посветена на промовирање на одржлив и еколошки туризам во руралните средини, а новата понуда “Маврово на снежници“ ќе им овозможи на посетителите да ги истражат природните убавини на мавровскиот регион предводени од водич низ маркирана и осмислена патека низ паркот

Во планинарскиот дом Carevec Mountain Hut, каде е седиштето на Маврово365, можете да изнајмите опрема и да си направите прошетка со снежници во околината или да резервирате тура со водич и да ги доживеете снежните врвови на Бистра. Од организацијата велат дека турата може да се прилагоди на физичката подготвеност и расположението на групата, а дека тие нудат 3 варијанта на турата (лесна тура со времетраење од 2 часа, средно тешка тура со времетраење од 3 часа и тешка тура со времетраење од 3до 5 часа).

Активноста се реализира со поддршка на Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ), со цел развој на зимскиот активен туризам и диверзификација на туристичката понуда во дестинацијата Маврово.

За повеќе информации за понудата на Mavrovo365 следете ја Facebook страницата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП