10 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕК се обидува да ја прекине врската меѓу цената на струјата и...

ЕК се обидува да ја прекине врската меѓу цената на струјата и фосилните горива

Со предлози за ревизија во неколку директиви, Европската комисија (ЕК) ќе се обиде цената на електричната енергија да ја направи помалку зависна од фосилните горива. Ова е дел од големата реформа на енергетскиот пазар што се работи веќе подолго време, а целта е струјата да стане достапна за бизнисите и домаќинствата.

Една од најсериозните промени е промоцијата на долгорочните договори за снабдување со електрична енергија, вклучително и оние со фиксни цени. Според објаснувањата на ЕК, тоа треба да доведе до предвидливи трошоци и да ги поттикне инвестициите, особено во зелените капацитети.

Воведувањето на зелена енергија треба постепено да ги исфрли фосилните горива од енергетскиот микс. На овој начин, потрошувачите ќе бидат заштитени од нестабилноста на пазарот на фосилни горива, што е типично во последните месеци и особено од почетокот на војната во Украина.

Предлогот содржи и стимулации за инвестиции во обновливи извори на енергија преку т.н договори за разлика од државните или приватните договори за купопродажба на електрична енергија. Договорите за разлика предвидуваат исплата на надоместок од страна на државата доколку цената на пазарот е пониска од онаа утврдена за даден производител, и обратно – враќање на разликата од страна на инвеститорот кога цените се повисоки. Финансирањето на овие договори може да се врши преку посебни шеми, посочуваат и од Брисел.

Договорите за разлика ќе бидат задолжителни за производителите на зелена енергија или за нуклеарните централи кои добиваат субвенции од државата.

Реформата воведува обврска за земјите од заедницата да обезбедат јавна поддршка за нови инвестиции во производство на електрична енергија со ниски јаглеродни и нефосилни горива во форма на двонасочни договори за разлика.

Помалите потрошувачи ќе можат да ги искористат можностите за споделување на само-генерирана обновлива енергија.

ЕК сака да воведе понатамошна и подобра соработка помеѓу асоцијацијата на енергетски регулатори „ACER“ и националните регулатори за заеднички да го следат интегритетот и транспарентноста на големопродажниот енергетски пазар.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП