Министерот за економија, Крешник Бектеши, по пазарењето со премиерот Димитар Ковачевски, констатира дека мерките со кои се намалуваат цените се почитуваат. Бектеши најави дека во април ќе следуваат нови мерки. Додаде и дека: „Мерките ќе ги дефинираме со министерот за финансии и премиерот. Оваа криза нема да биде на грбот на граѓаните. Ние ќе се откажеме од давачки, компаниите од профити“. Министерот не ја исклучува можноста и за дополнителни намалувања на цените, а тоа ќе се утврди по нова анализа.
„Предлозите биле точни, направени со сите компании. И денеска уште еднаш се потврдува, дека, да, кога се сака, се има простор за кризата да не биде на грбот на граѓаните. Сакам да се заблагодарам на сите инспектори, кои се на терен по цел ден и ноќе, со цел да бидат правични, а да нема штети кај потрошувачите, ниту кај граѓаните. Компаниите не трпат загуби, а придобивка најголема добиваат граѓаните“, рече Бектеши.

